Министерството за култура со долг кон изведувачите на Македонската филхармонија од 15,5 милиони евра

13 September, 2017 - 17:16

Министерството за култура како инвеститор им должи 15, 5 милиони евра на две фирми изведувачи на Македонската филхармонија., велат од овој ресор. На австриската фирма „ Страбаг“ која  го врши внатрешното уредување на објектот, министерството и должи 14, 6 милиони евра, а кон „ Гранит“ , која ја градеше новата зграда, долгот е  991 илјада евра. Сумите на фирмите ќе им бидат исплатени идната година , а тоа нема да се одрази врз работата на Филхармонијата зашто изведувачите и Министерството се врзани со договор, велат од ресорот култура.

Обврските се одложуваат привремено, но ќе бидат исплатени целосно, согласно договор со изведувачите. Ние се надеваме дека по сите проблеми во минатото, со изведувачите ќе изнајдеме заедничко решение за објектот на Македонската филхармонија да биде завршен што е можно побргу, секако запазувајќи ги сите законски и технички побарувања, соопштија од Министерство за култура.

Договорот меѓу Министерството за култура и фирмата Страбаг е тежок 27 милиони евра. До 5 јуни годинава се исплатени 12, 6 милиони евра, а новата власт за приспат на зградата до системот на топлинска енергија  , во јули дала 24 илјади евра. А од договорот меѓу „ Гранит“  и Министерстовото за култура,  кој изнесува 5, 6 милиони евра, до 1 јуни се исплатени 4,8 милиони евра. Од Министерството за култура велат дека со ребалансот на буџетот на овој ресор му се оставени уште 93 илјади евра за покривање други обврски кон Македонската филхармонија до крајот на годината.

Новата зграда на Филхармонијата започна да ја гради австриската фирма  Алпине Бау во 2009 година. По банкротирањето 2013 година, на нејзино место во 2015 година  дојде домашната фирма  Гранит. Иако објектот беше отворен кон крајот на мај годинава од страна на претходната власт, сега привршува внатрешното уредување, што го врши „ Страбаг“. Но како што изјави вчера за Телма в.д. директорот на Филхармонијата , Виктор Илиески, новата сезона нема да започне додека објектот не помине технички прием и не добие употребна дозвола.     

Сотир Трајков

Веста е прочитана 1405 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.