Министерската работна група ги прецизира мерките од делот шест од Планот 3-6-9

10 November, 2017 - 13:38

Сите предвидени мерки од делот три од Планот 3-6-9 досега се реализирани, беше заклучено на денешниот состанок на министерската работна група, со која претседаваше премиерот Зоран Заев. На состанокот беа прецизирани мерките и реформите од делот шест на Планот. 

Министрите информираа дека е подготвен детален план за активностите и мерките кои треба да се реализираат во периодот до декември – јануари, кога ќе се финализира и делот шест од Планот 3-6-9.

Најголем дел од реформите и законските измени се од областа на правосудството, реформа на разузнавачките служби, борбата против корупцијата, тероризмот и насилниот екстремизам, медиумите и реформи во областа на јавната администрација. 

По направените консултации на денешниот состанок беше заклучено дека следните чекори од Планот 3-6-9, во делот 6 и 9 ќе ги усвои Владата на следната седница, а во меѓувреме ќе ги консултира со Европската комисија и другите релевантни фактори.

На денешниот состанок, премиерот Заев исто така ги задолжи ресорните министри за законите предвидени со Планот 3-6-9, во делот 6, а кои треба да се донесат до крајот на годинава, да побараат и да добијат мислење од претставници од опозицијата.

Министрите на состанокот ги презентираа и мерките кои според Планот 3-6-9, треба да се реализираат до крајот на март, следната година.

Денешниот состанок на Министерската работна група за следење на спроведувањето на Планот 3-6-9 е дел од механизмот што го воспостави Владата на РМ, преку кој редовно, се следи имплементацијата на планот.

За текот на имплементацијата соодветно се информираат Собранието на РМ, ЕК и земјите-членки на ЕУ, како и граѓанското општество експертската и пошироката јавност.

Веста е прочитана 491 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.