Милион и 550 илјади евра за три приватни фирми за чистење на патиштата кои цел ден останаа замрзнати и неисчистени

6 January, 2017 - 18:18

Патиштата не беа чистени ни кога снегот престана да паѓа. Подоцна пак почна да вее, а температурата надвор беше и под минус 10. Камиони на Македонија пат беа ретка глетка околу пладне на патиштата околу Скопје.

А Јавното претпријатие Македонија пат токму за оваа зима има склучено договори со три приватни фирми за зимско одржување на државни патишта. Наместо 81 милион денари, зделката била поскапа за 15 проценти и било договорено за зимско одржување да се издвојат над 94 милиони денари или околу 1 и 550 илјади евра. Иако се планирани пари, снегот и мразот останаа неисчистени да се играат со нервите на возачите.

Портпаролот на владата Александар Ѓорѓиев на прес конференцијата на кризниот штаб изјави дека сите договорени компании се ангажирани на расчистување, но не е познат опсегот на нивното делување.

Трите фирми кои ги ангажирала ЈП Македонија пат за зимско одржување на државни патишта 2016/17 се: НБ-ТРАНС СОМПАНУ ДОО Тетово (3 договори за одржување на патишта под подружници Автопат, Скопје и Штип- вредни над 67 милиони денари или околу над 1,100,000 евра), ПЕРПАРИМИ Нухи Реџепи ДООЕЛ увоз-извоз с.Долно Строгомиште Зајас (договор за подружница Велес вреден 6,7 милиони денари или 110 илјади евра) и ЈОСКАТРАНС-ТРЕЈД ДООЕЛ увоз-извоз Демир Хисар (договор за подруница Битола вреден 19,98 милиони денари или над 330 илјади евра).

Миомир Серафиновиќ

 

Веста е прочитана 14696 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.