Македонија го празнува Денот на антифашистичкото востание

11 October, 2017 - 11:34

Седумдесет и шест години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна денеска во Македонија ќе бидат одбележани со повеќе настани организирани од Владата, Собранието, Сојузот на борците и општините Прилеп и Куманово.

Централниот настан ќе се одржи претпладне пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, во дворот на Владата. Традиционално по повод празникот, во Собранието ќе биде врачена државната награда „11 Октомври“. Годинашни лауреати се музичарот Влатко Стефановски, кој ќе ја добие наградата за животно дело во областа на културата и уметноста, и  историчарот проф. д-р Амет Шериф, кој наградата ќе ја добие за животно дело во областа на науката и образованието. 

Честитка до граѓаните по повод денешниот празник упати претседателот Иванов.

„Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци. Затоа, да останеме верни на македонската традиција на соживот и почитување на различноста, се вели во честитката на Иванов. 

Веста е прочитана 501 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.