Лустрираните задоволни од одлуката на Вишиот управен суд

11 January, 2017 - 16:07

Лустрираните, чии предмети Управниот суд ги поништи во април минатата година, се задоволни од одлуката на Вишиот управен суд, кој, пак, деновиве го потврди поништувањето со тоа што ги одби жалбите на Комисијата за лустрација. Велат дека целиот процес од самиот почеток бил политичка хајка и пресметка со неистомислениците.

Бабовски беше четири пати лустриран, а исто толку пати Управниот суд ги поништува решенијата на Комисијата. Вели дека и понатаму ќе ги користи сите правни средства, како во Македонија, така и во Стразбур, за да добие лична и фамилијарна сатисфакција. Но исто така и се прашува, како и на кој начин државата би можела да му надомести нему и на семејството за сиот стрес што го доживуваат од 2010 та година, кога е првпат лустриран. Револтиран е и поранешниот новинар, Градимир Јовановиќ.

Јовановиќ исто така вели дека и понатаму ќе ја бара правдата, а евентуалното обештетување што би го добил, ќе го подели на сиромашните, за кои вели дека, како и тој, се жртви на власта.

Вчера, пак, претседателот на Комисијата за лустрација ни најави дека и тој повторно ќе се жали на судските одлуки и ќе бара предметите да се вратат на повторно одлучување.

Меѓу поништените решенија за кои вчера Вишиот управен суд ги отфрли жалбите се и тие за Божин Павловски, Јадранка Костова, Сиљан Аврамовски, Трајко Огненовски, Ице Дамчевски, Хетем Ејуп Адеми, Николче Бабовски, Петар Мирчески, Градимир Јовановиќ, Трајан Петровски и Хаки Бедиу.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Веста е прочитана 1569 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.