Кривична и морална одговорност за проблемот со инсулин

12 October, 2017 - 17:44

Прецизни одговори или морална и кривична одгворност за инсулинските кризи и отворените сомнежи за квалитетот на лекот. Дијабетичарите со ултиматум до надлежните. Бараат агенцијата за лекови „МАЛМЕД“ веднаш да каже од каде доаѓа инсулинот и дали гарантира за неговата безбедност. Во набрз можен рок да одговорат и како и каде се испитува лекот, бидејќи како што велат, во Македонија нема лабораторија за анализа на активната супстанца.

МАЛМЕД задолжително да одговори на овие две клучни прашања кои го тангираат здравјето и животот на над 40.000 инсулин зависни граѓани на Република Македонија меѓу кои 450 се деца. Секое одлоговлекување, релативизирање и слични видови на „аргументација“ за нас ќе бидат повеќе од јасен одговор, после кој ќе бараме прецизна морална и кривична одговорност, соопштија од Асоцијацијата за детски дијабет „Баланс МК“.

Детални одговори на сите прашања не добија, но добија уверување дека резултатите од лабораториските анализи на лековите се готови и дека е изготвено решение за  нивно пуштање во промет. Агенцијата демантираше и дека инсулинот доцнел заради инспекциските контроли, потенцирајќи дека предмет на аналзиза  биле и лековите од паралален увоз.

Беа инспектирани специфичните услови на транспорт, чување и дистрибуција, инспекциски мерки кои се применуваат без оглед дали се работи за лекови од паралелен увоз или за лекови кои се увезуваат со редовна постапка. Соодветни примероци беа земени за  анализа  и испратени во акредитирана лабораторија каде беа извршени лабораториски испитувања за идентификација и определување на содржината на активната супстанца. Сирте овие преземни активности се во согласност со законските барања, соопштија од Агенција за лекови и медицински средства „МАЛМЕД“.

Асоцијацијата за детски дијабет  „Баланс МК“ подолг период се сомнева во квалитетот на набавка, транспорт и складирање на инсулините. Неодамна побара итна и детална проверка на лекот, гаранции дека бил соодветно чуван до преземањето од стана на увозниците, да се испита таканареченот ладен ланц на транспорт и да се направи проверка на сите температурни записи.  Со проблеми, дијабетичарите се соочуваат години наназад. Инсулинот често доцни со месеци, заради што се принудени меѓусебно да си го позајмуваат лекот. 

Весна Јовановска Дојчиновска

Веста е прочитана 1178 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.