Кој се плаши од разрешување на Зврлевски?

11 August, 2017 - 18:39

Тензиите во Собранието кулминираа кога единствениот говорник од владеачкото мнозинство, Павле Богоевски, им рече на пратениците од ВМРО ДПМНЕ дека ја одолговлекуваат расправата и не дозволуваат да се разреши Марко Зврлевски бидејќи се плашат дека ќе одговараат за направените криминали. Опозициските пратеници се пожалија на говор на омраза и закани, па побараа извинување, а Благица Ласовска не доби збор зашто нема право на реплика па се јавува процедурално.

„На 10 јули е започната дискусијата за разрешување на Марко Зврлески, месец и кусур подоцна се уште трае и ќе трае додека треба. Да приоритет се и пожарите, се е приоритет. Но ништо колку спречување на вашиот криминал и разрешување за тоа што го имате сторено. Да не се лажеме“, рече пратеникот Павле Богоевски.

„Што сте вие, јавен обвинител, судија, што сте? Заради тоа што вака се однесувате, заради тоа почитуваните колеги ќе прават опструкции, заради тоа што сакате да правите театар. Заради тоа што сега ви недостасуваат обвиненија за да можете да победите на локални избори“, рече Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Џафери и СДСМ дека сакаат да предизвикаат нов инцидент, а СДСМ им порача да ја сменат реториката оти тоа води до инцидентни ситуации и блокада на Собранието.

„Нас се поочигледно ни станува дека има тенденција на воведување на Собранието во некаков нов инцидент. Тоа се случи пред два дена, кога последен пат имавме седница, тоа на некој начин се случи и денеска со провокациите кои што беа присутни внатре во салата, и од страна на г-динот Џафери и од страна на други пратеници, при што Џафери воопшто не реагираше“, обвини Илија Димовски. 

„Се гледа кој во оваа држава ги блокира сите процеси и со каква цел. Единствената цел за блокадата е да се заштити криминалот на Никола Груевски и криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Нема поинакво образложение. Граѓаните ценат кој ја врши блокадата и какви се тие цели. И покрај таквата блокада, Марко Зврлески ќе биде разрешен, правдата ќе ги стаса сите кои што треба да ги стаса“, рече Петре Шилегов.

Иако владеачките партии се откажаа од дискусии, својот ред сеуште го чекаат над 30 пратеници. На секоја дискусија од ВМРО ДПМНЕ се пријавуваат за реплика по 25 до 30 пратеници од истата партија. СДСМ најави дека не заминува на одмор додека не се разреши Зврлевски.

Веста е прочитана 7414 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.