Кој премиер ќе вечера со Могерини?

19 May, 2017 - 15:46

Зоран Заев или Емил Димитриев? Кој  во среда ќе вечера во Брисел со високата претставничка за надворешна политика и безбедност Фредерика Могерини и уште пет балкански премиери зависи дали до тогаш лидерот на СДСМ ќе ја формира новата Влада. Во Брисел потврдија дека поканите се испратени до актуелните  премиери  на шесте држави.

„Во овој момент можам да кажам дека поканите се испратени до премиерите, а имињата на учесниците ќе бидат потврдени непосредно пред посетата. Ќе ве замолиме за трпение, но до 24 мај ќе дознаете кој ќе дојде“, изјави порпаролката на ЕК Маја Коцијанчич.

Официјален Брисел има намера повеќе да се ангажира на Балканот и покрај тоа што и до сега интервенираше во надминување на кризите во дел од земјите, меѓу кои и Македонија. Новинарите прашаа дали сепак во Европската Унија не се чувствуваат нелагодно затоа што решението на кризите и во Македонија и во Албанија беше чудо, алудирајќи на директното американско посредство. И во двете земји политичката криза беше завршена веднаш по посетите на високиот дипломат Брајан Хојт Ји.

„Не верувам дека станува збор за чудо, туку дека е резултат на напорна работа и на политичка волја. Кога зборуваме за Западен Балкан, знаете, тоа е регион кој има ЕУ-перспектива, каде ЕУ е ангажирана. Тоа се однесува за поранешната југословенска Република Македонија. Како што видовте, ние реагиравме на овој развој на настаните и ќе продолжиме да ги поддржуваме двете земји, но и целиот регион“, рече Коцијанчич.

За Европската комисија Западниот Балкан останува приоритет и во Брисел сметаат дека токму европската перспектива е нивниот најсилен аргумент кој им го нудат на овие земји, но и гаранција за стабилност.

Сања Васиќ

Веста е прочитана 6384 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.