Кои се десетте најбогати кандидати за градоначалници?

10 October, 2017 - 17:05

Десетте најбогати кандидати за градоначалници според вредноста на анкетниот лист, „тежат„ колку останатите 74 кандидати заедно. Седум од нив се актуелни градоначалници, двајца се министри, а еден е пратеник. Македонската листа на најбогатите кандидати, изработена од МЦМС ја предводи актуелниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, кој е и кандидат од ВМРО-ДПМНЕ за овие избори. Неговиот имот има вкупна вредност од 3 ипол милиони евра. Од тие, 3 милиони евра земал на кредит. Има сопственички удел во фирми од 363 илјади евра. Заедно со сопругата поседуваат две куќи во Кочани во вредност од 20 илјади евра и земјиште вредно 16 илјади евра. Интересно е што неговата сопруга вози мерцедес од 2005-та вреден 8 илјади евра, а тој самиот-Смарт од 2 илјади евра.  

Втор на листата е Фатмир Изаири, градоначалникот на Желино и кандидат на ДУИ. Општината е мала, но имотот на нејзиниот татко-голем, 1 милион и 800 илјади евра. Поседува поликлиника и фирма во Желино, а неговата сопруга има аптека во истата општина. Пријавил куќа од 300 квадрати вредна 140 илјади евра, деловен простор од 580 илјади евра, земјиште вредно 70  илјади евра, како и машини од 30 илјади евра.

Брвеница нема ни 15 илјади жители, но нејзиниот градоначалник, Енвер Пајазити, е трет на листата на најбогатите кандидати.  Неговиот анкетен лист тежи 1 милион и 500 илјади евра. Поседува деловен простор во Тетово, вреден 976 илјади евра и земјиште од 2 хектари во Челопек, вредно 49 илјади евра. Самиот не поседува куќа, но неговите деца имаат викендица  на Шапка вредна 60 илјади евра.

Веднаш зад него, со само 200 илјади евра помалку, е гостиварскиот градоначалник, Невзат Бејта, кој поседува 1 милион и 300 илјади евра.Бејта има два стана, еден од 300 квадрати во Тетово, вреден 300 илјади евра и друг во скопска Кисела вода, вреден 68 илјади евра. Пријавил и два деловни простори вредни 600 илјади евра. Поседува и земјиште од 200 илјади евра, а заедно со децата имаат четири возила.

На петтото место е Петре Шилегов, кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, кој според анкетниот лист тежи 1 милион и 268 илјади евра. Од тоа, куќа од 390 илјади евра и четири стана во Скопје со вкупна вредност од 306 илјади евра, кои се заеднички имот со сопругата. Од становите земаат месечна кирија од 2 илјади евра, а тој самиот има и дополнителен месечен приход од 900 евра за консултантски услуги. Поседуваат и уметнички слики вредни 49 илјади евра, како и златен накит и часовници вредни 130 илјади евра. Неговата сопруга има удел во фирма од 12 илјади евра, како и акции од околу илјада евра. На сметка имаат 190 илјади евра, како и кредит и лизинг од 180 илјади евра.

На шестото место е кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за Вевчани, Цветомир Угриновски, кој тежи 1милион и 138 илјади  евра, но неговиот анкетен лист не е достапен за јавност.

Еден од поинтересните е анкетниот лист на актуелниот министер за здравство и кандидат за градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари. Пријавил имот од 1 милион и 8 илјади евра, но од тоа на свое име има само Волво вредно 50 илјади евра и заштеда од 22 илјади евра, како и заеднички уметнички слики со сопругата вредни 4 илјади евра. Сиот друг имот е на неговите родители и сопругата, која има два стана во Скопје вредни 126 илјади евра. Неговите родители поседуваат две куќи во Гостивар од 273 илјади евра, како и три деловни простори вредни 340 илјади евра и земјиште од 183 илјади евра. Неговата сопруга има и 22 илјади евра во златен накит.

Уште една мала општина со богат градоначалник е Демир капија. Трајче Димитриев кој е и кандидат на ВМРО ДПМНЕ, има имот вреден 1 милион евра. Поседува две куќи во Демир капија во вредност од 424 илјади евра, има удел во фирми од 488 илјади евра и кредит од 60 илјади евра.

Најголем пад има актуелниот градоначалник на Крива Паланка и кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Арсенчо Алексовски, кој во 2013-та година беше прв на листата.Сега пријавил 797 илјади евра, куќа од 250 илјади евра во Крива Паланка и стан во Скопје од 120 илјади евра. Има и викендица во Гиновци од 90 илјади евра и  заштеда од 310 илјади евра на име на децата. Го поседува Траншпед трејд, а е содружник во Мулти медиа-Куманово и Оптикал нет –Скопје. Неговата сопруга го поседува Беверли 1 во Крива Паланка.

Последен на листата е поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, кој е и сегашен кандидат на ДУИ. Тој пријавил 683 илјади евра. Има деловен простор во Струга вреден 280 илјади евра, куќа од  200 илјади евра, земјиште и шума вредно над 100 илјади евра, како и стан во Драч, во Албанија од 100 квадрати вреден 33 илјади евра. Од кирија месечно има приходи од 2100 евра, а дал на заем околу 340 илјади евра.

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 12705 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.