Кочан на кардиологија, правниците бараат одговорност од судиите кои му го укинаа притворот

15 May, 2017 - 17:01

Бизнисменот Сеад Кочан од бегство заврши на Кардиологија, потврдуваат за Телма извори од клиниката. Докторите не сакаат да кажат во каква состојба е примен, ама велат дека сега е стабилен. Според извори од таму Кочан имал историја на срцево заболување и оти уште од 2012 година му бил вграден бајпас.

Одлуката со која Врховен му овозможи укинување на притвор, кој не се реализираше оти беше недостапен за полицијата денеска е објавена на сајтот на судот. Ја донеле петмина судии на чело со претседателот Јово Ванѓеловски. Им нашле грешки на нивните колеги кои одредија притвор оти не го почитувале Закон за кривична постапка. Според Врховниот суд, судијката која го одреди притворот не смеела во решението да напише дека Жалбата не го одложува извршувањето. Според Врховните судии, судиите од Апелациониот суд кои одредуваа по жалбата на адвокатот на Кочан, кога одредиле притвор немале доволно докази од СЈО дека постои основано сомневање за тоа дека бизнисменот сторил криминал.

„Според одредбата од член 442 од Законот за кривичната постапка, жалбата како редовен правен лек има суспензивен карактер, што подразбира дека ако со Законот за кривичната постапка поинаку не е определено, изјавената жалба го одлага извршувањето на оспореното решение“, велат од Врховниот суд.

Но, за дел од правните експерти решението на Врховните судии е противзаконско. Во Законот за кривична постапка членот 169, јасно пишува дека жалбата не го задржува извршувањето на решението и токму за тоа и судиите од пониските судови го напишале ова во решението. 

Инаку Кривичниот совет од Основниот суд Скопје 1 составен од судијките Моника Бахчовановска, Љубинка Башеска и Весна Костова Спасеска, го вратија предметот за Кочан кај судија на претходна постапка. Сега одново ќе се одлучува за неговиот притвор, како што тоа го наложи Врховниот суд. За сега од СЈО молчат, а реакција најавија за утре.

Одлуката на Врховен е по барање на Основното обвинителство на Марко Зврлевски, а претходно СЈО реагираше дека незаконски се меша во нивните предмети, иако со Законот на СЈО нивната автономија е загарантирана. 

Билјана Николовска

Веста е прочитана 9068 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.