Казуо Ишигуро добитник на Нобеловата награда за литература

5 October, 2017 - 16:57

Стилот на Ишигуро е своевидна мешавина на книжевниот јазик на Џејн Остин и Франц Кафка со мала доза на Марсел Пруст, забележа Сара Даниус, секретар на Шведската академија за годинашниот добитник на Нобеловата награда за литература Казуо Ишигуро кој се вбројува во најпознатите современи писатели.  

„Во исто време тој е писател со огромен интегритет. Не гледа настрана, туку разви сопствен естетички универзум. Сметам дека сите негови дела се прекрасни, тие се навистина  исклучителни. Но мојата омилена е „Погребаниот џин“ која е објавена 2015 година. Исто така ја сакам „На крајот од денот“, вистинско ремек дело“, заклучи Даниус.

Во книжевното творештво на Ишигуро се вбројуваат седум романи кои се преведени на над 40 јазици, четири сценарија и повеќе куси раскази. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои наградата Витбред за романот “Уметник во свет што лебди“, Букеровата награда за неговиот најпознат роман „На крајот од денот“ кој е воедно преведен и на македонски јазик. Нобеловата награда за литература на Казуо Ишигуро ќе му биде врачена на свеченоста на 10 декември.

Нина Стефанова

Веста е прочитана 439 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.