Ји: САД не се мешаат во внатрешните работи на Македонија

18 May, 2017 - 15:43

Соединетите американски држави мора да бодат поактивни на Балканот затоа што етничките тензии се во пораст и расте влијанието на Русија која сака да ги обесхрабри земјите за членство во Европската Унија и НАТО. Ова го кажа во своето сведочење пред Подкомитетот за надворешни работи во Конгресот, заменик помошникот на државниот секретар Брајан Хојт Ји, кој изминатоите месеци е вклучен во надминување на кризите особено во Македонија и Албанија.   

Хојт Ји ги отфрли обвинувањата на конгресменот Дејна Рорабахер дека Вашингтон директно се мешел во внатрешните работи на Македонија. Рарабахер кој во февруари изјави дека Македонија треба да се укине како држава, па потоа ја повлекуваше изјавата, се обидуваше  да покаже дека Стејт департменот и амбасадорот Бејли влечеле погрешни потези.

„Ниедна партија не освои мнозинство. Меѓутоа коалиција од пратеници имаше мнозинство кое требаше според нормалните европски стадарди да добие мандат за формирање влада. Но се до денеска претседателот не го даваше мандатот на мнозинството. Ние силно се залагавме претседателот да го почитува Уставот, европските стандарди заедно со европските партнери“, рече Ји.

„Значи ние сугериравме претседателот да го испрати тоа писмо и да ги признае, тоа е?“, праша Рарабахер.

„Да дозволи формирање на влада. Не на една или друга партија, туку да го даде мандатот на мнозинството. Тоа е основен демократски принцип и денхеска тој го стори тоа. Ние се залагавме за следниот чекор, за излез од оваа криза“, одговори Ји.

Хојт Ји ги отфрли и тврдењата на конгресменот Роирабахер за активностите на Сорос и му кажа дека политиката на САД и ЕУ не се води под влијание на ниту една личност или фондација. Но потврди дека не разговарал дирелтно со државниот секретар Тилерсон за политиката на Балканот, иако тој е детално информиран за ситре активности на Стејт департментот. Хојт Ји на конгресмените им кажа дека САД водат конзистентна политика на Балканот изминатите две децении  за владеење на правото и силни институции, иако тоа не е секогаш поддржано од сите тамошни влади. Но целта е мирен и стабилен Балкан.

Сања Васиќ

 

Веста е прочитана 655 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.