Јанева без коментар за можната вмешаност на претседателот Иванов во случајот „Панчевски„

6 October, 2017 - 19:31

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, не сакаше да ги коментира шпекулациите дека, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, му давал на претседателот Ѓорѓе Иванов тајни податоци од судот, кои тој потоа ги користел за да ги аболицира обвинетите.

Јанева рече дека денеска се составуваат записниците од синоќешниот петчасовен претрес во канцеларијата и во домот на Панчевски и на уште двајца вработени во информатичкиот сектор на Кривичниот суд. Цел на СЈО биле компјутерите што ги користел Панчевски, од кои треба да се види, како се случувало доказите со кои располагале обвинителите да бидат достапни и за обвинетите и за сведоците.

Од Кабинетот на претседателот Иванов кусо ни одговорија дека, немаат коментар за шпекулации. Панчевски, пак, не беше во можност да коментира поради приватни обврски. Неговиот адвокат вели дека, ќе ги преземат сите правни лекови.

Панчевски и неговите соработници се осомничени дека давале службени тајни на лица кои не се вработени во судот. Вчера во Кривичниот суд беше и комисија од Министерството  за правда, која проверуваше дали системот за електронско распределување на предмети е злоупотребуван за да се местат предмети кај одредени судии. Сомнежи за можни манипулации искажа и германскиот експерт Рајнхард Прибе, во чиј извештај беше нотирано дека постојат индиции за злоупотреба на АКМИС-системот..

Далиборка Демјанска

Веста е прочитана 6624 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.