Изложна на икони во Музеј Битола

10 October, 2017 - 17:17

Уништени иконостаси, украдени вредни предмети и икони, руинирани  цркви. Заради недостиг на соодветни безбедносни и климатски услови, неповратно е изгубено вредно сакрално богатство во незаштитените македонски цркви и манастири, кои честопати се цел на крадци, а градбите пропаѓаат под налетот на времето. Со цел да се сочуваат од понатамошно уништување, по конзервацијата и реставрацијата, во битолскиот Завод и музеј, поставена е  изложба на  оригинални икони од неколку цркви во  битолското село Велушина.

-Проблемите се создадени од проста причина што многу селски населби кои што некогаш имале богата култура и традиција остануваат без поголем број жители. Малиот број жители не може да се справи со многуте споменици на културата. Сметам дека државата со своите инстутуции за заштита треба да се вклучи и да бара решение за заштита, но и презентација за тоа културно наследсво, изјави Ристо Палигора, историчар на уметност во Завод и музеј Битола. 

Изложбата на икони е во рамки на сталната поставка на битолскиот Завод и музеј.

 -Иконите се добиени на долготрајно користење. Иако не се сопственост на Музејот, имаме договор за 10 години, но очекуваме дека сопствениците ќе ги остават во трајна сопственост на битолскиот Завод и музеј, изјави Александар Литовски, директор на Завод и музеј Битола.

Во изминатите години од македонските цркви и манастири беа украдени околу 500 вредни икони, стари по неколку века. Во 2013, во Тирана, во акција на албанската полиција, меѓу 1000 запленети сакрални предмети, македонските експерти идентификуваа 20 икони  кои потекнуваат од Македонија. Останатите,  досега, не се пронајдени.  

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 736 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.