Изложба на Никола Мартиноски

12 May, 2017 - 16:12

Силната сликарска и естетска интуиција да продре во суштинските сликарски и духовни обележја на доминантните стилски формации во Европа се навистина важни и наша должност е секогаш да потсетуваме на неговата историска улога во создавањето на македонската современа ликовна уметност, забележа Дита Старова Керими, на отворањето на изложбата „Никола Мартиноски – почетоци 1919 – 1929  “.

Сликарот Мартиноски беше динамична и космополитска личност. Тој со својот проникнат стилски израз, со своите разновидни мотиви може метафорично да се рече дека ја донесе Европа во Македонија, но и Македонија ја однесе во Европа, истакна Дита Старова- Керими директор на Националната галерија на Македонија.

Во поставката се опфатени триесетина слики, кои тој ги создава во првите десет години од својата богата уметничка дејност, дела кои што ние најмалку ги познававаме, истакна проф. д-р Кирил Пенушлиски, воедно и кустос на изложбата.

Започнуваат со 1919-та година и првите негови сликарски обиди додека тој сеуште е во работилницата на последниот македонски зограф Димитрие Папрадишки, изложбата ги поминува следните седум години коишто Мартин ги поминал во Букурешт, како студент на Школата за убави уметности, неговиот краток претој во Париз и изложбата завршува со неколку дела коишто биле претставени на неговата прва самостојна изложба отворена во Скопје во 1929-та година.

Делата на Никола Мартиноски, ќе бидат изложени во Националната галерија на Македонија во објектот Мала станица до 10 јуни.

 

 

Нина Стефанова

 

Веста е прочитана 934 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.