Иселеник им помогна на поплавените и сиромашните за Божиќ- сам ги дели донациите во готовина за да нема малверзации

7 January, 2017 - 16:22

Во мала куќа во скопско Ченто додека надвор вееше снег пред Божик, второоделенката Матеа ни ја покажа својата работна тетратка по математика. Заедно со својата помала сестра Јована нивната самохрана мајка и бабата живеат ден за ден. Со дванаесет илјади денари пензија и со 3 илјади денари социјална помош.

Во нивниот дом стигнавме со Јовица Андонов, Македонец кој живее во Шведска. Тој постојано собира помош и им дели на сиромашни семејства во Македонија. Ги дели лично, за да види како луѓето во татковината живеат.

Оваа година пред Божик решил да поддели помош на три семејства. На сите по 5 илјади шведски  круни или по нешто над 500-тини евра. Една донација е негова лична, втората е од македонското братство Свети Јован во Шведска собрани на концерт на хорот „Злата Мегленска“ во Стокхолм и третата од „Ротари“ клубот каде Јовица е член. Заминавме и во домот на Зоран Милошевски во Инџиково. Уште имаше траги од поплавата, во куќата беше студено, пет членото семејство немаше пари за огрев, а пред вратата имаше остатоци од пожар на електрична инсталација.

Јовица ни објаснува дека решиле лично да ги доставуваат донациите затоа што минатиот пат кога делел на поплавени во Битола сфатил дека на списоците кои ги добил од Црвен крст често ги нема оние на кои помошта им е најпотребна.

Третиот дом што го посетивме беше бараката на Лепа Анѓеловска, живее со две невработени ќерки и 15-годишниот внук. Телма веќе ја посети пред три недели кога во домот немаше струја. Лошите услови 4-цата ги преживуваат со пензија од 12 илјади денари во опожарената сега недоправена барака. Лепа има само една божиќна желба, ќерките да добијат работа.

Јовица на сите им порачуваше среќен Божик и да им се остварат желбите. Токму големиот христијански празник било причина за овогодинешната донација.

Помошта од студената Шведска не е доволна за семејствата, но барем ќе им помогне за Божик со надеж дека и други кои имаат ќе им помогнат на оние на кои им треба мала радост.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 14742 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.