Харири: Слободен сум и следниве денови ќе се вратам во Либан

13 November, 2017 - 09:03

Либанскиот премиер Саад Харири, кој се наоѓа во Саудиска Арабија, синоќа изјави дека е слободен, демантирајќи ги со тоа тврдењата дека саудиските власти го држат во куќен притвор во обид да ја поткопаат коалициската Влада на Либан во која учествува и проиранската шиитска партија. 

Харири во интервју за Либанската телевизија емитувано во живо, изјави дека е слободен и дека во наредните денови ќе се врати во Либан. Ова е прво интервју на Харири откако минатиот викенд од Ријад објави дека поднесува оставка на премиерската функција.  Тој во интервјуто објаснува дека се решил да поднесе оставка со цел „да ја спаси земјата од непосредна опасност“, без да прецизира детали за каква опасност станува збор.

При објавувањето на својата оставка Харири го обвини Иран дека се обидува „да го присвои" Либан и дека се меша во односите меѓу арапските држави. Тој тогаш оцени дека сегашната политичка клима во Либан потсетува на онаа од времето кога беше убиен неговиот татко Рафик Харири и дека се плаши дека постои и заговор и за негово убиство. 

 

Веста е прочитана 275 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.