Голем пожар во центарот на Скопје, изгореа бараките на поранешниот Завод за урбанизам

21 April, 2017 - 19:01

Бараките изгореа за неколку минути, први стигнаа пожарникарите од најблискиот пункт во Тафталиџе. Истовремено учениците на соседното ГУЦ веднаш беа евакуирани.

Пожарот е пријавен во 12 часот и 15 минути, ова е снимка направена од возач која покажува дека целата барака гори и дека огнот се шири одвантре кон надвор..

Жителите на околните куќи ги извикале и професорите на Институтот за социолишки и политички истражувања која се наоѓа во најблиската барака до запалените.

Во интервенцијата учествувале 40 пожарникари со 15 возила. На помош со цистерни им пристигнале и локалните јавни претпријатија. Немаше повредени ниту граѓани, ниту пожарникари, освен еден кој по завршувањето на интервенцијата имаше проблеми со дишењето. Пожарникарите прво го спречиле ширењето на огнот кон најблиската станица на гас. Доколку огнот кој беснеел на десетина метри стигнал до станицата можел да предизвика истекување и експлозија.

Зафатен е и мал дел од Инстутот за социолошки и политичко-правни истражувања, но огнот таму е прекинат. Професорите од институтот велат дека постојано предупредувале дека бараките на поранешниот градски Завод за урбанизам, кој сега е во стечај, се во опасност.

Бараките биле напуштени, а внатре се населувале и бездомници. Но по стечајот на заводот внатре останале и вредни урбанистички планови и макети кои сега се изгорени, а за кои никој не се грижел иако алармирале и професорите на институтот. Од Карпош побараа темелна истрага и изразија жалење за изгубеното.

„Со ова заминува дел од историјата на Град Скопје, макети од значајни објекти, проекти и урбанистички планови. Симптоматично е што пожарот многу брзо се ширеше и затоа Општина Карпош бара од Министерството за внатрешни работи - Службата за противпожарна заштита да направи темелна истрага за причините за пожарот.“

Истрагата почна, инспектори на МВР но од Одделот за крвни деликти беа на местото на пожарот. Се истражува дали е подметнат и како оддеднаш се запалила бараката во целата нејзина должина. Со сигурност се знае дека внатре била исклучена и струјата и водата, па така неисправна инсталација како можна причина за пожарот првично се отфрла. Професорите на институтот велат дека според ДУП-от донесен пред две години, на местото кое се уште е државна сопственост треба да се гради висококатница како зградата на стотина метри од пожарот.

На крај на денот на местото на бараките останаа само пепел, изгорен градежен шут и остатоци од азбсетни плочи со чие горење се произведуваат штетни честички.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 5870 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.