Германија треба да се избори за нова улога на светската сцена

6 December, 2017 - 22:03

Драматични предупредувања од официјален Берлин за состојбите во светот и промените на односите меѓу водечките сили. Германија треба да се избори за нова улога на светската политичка сцена, вели шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел. Габриел смета дека односите со САД никогаш повторно нема да бидат исти и дека ЕУ и Обединетите нации ризикуваат целосно да го загубат своето значење.  Повеќе акценти од ставовите на Габриел од Борис Георгиевски од македонската редакција на Дојче веле.

Крај на повоениот светски поредок и доминацијата на САД. Зголемено влијание на Кина и Русија во различни делови од светот. Тоа е сублиматот на анализата на шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел за состојбите во светот. Дилемата, како што ја поставува Габриел, е дали Германија и ЕУ ќе се изборат за свое место под сонцето или ќе дозволат да потонат во беззначајност и ирелевантност. Европа ќе мора да почне да бара партнери насекаде, а не само од другата страна на Атлантикот. Да престане да морализира, туку јасно да ги дефинира своите интереси и да делува стратешки. 

Во Германија, уште од доаѓањето на власт на Доналд Трамп, трае дебатата околу иднината, не само на односите со САД, туку и на статусот на Германија и на ЕУ во новиот светски поредок за кој најпрво срамежливо, а сега и отворено се говори.
Намалената вклученост на САД во меѓународните проблеми ќе има влијание врз Германија и нејзините европски соседи, вели Габриел. 

„Да започнам со анализа на најважната промена со која нашиот Западен свет, но фактички целиот свет се соочува денес: повлекувањето на САД под Доналд Трамп од нивната постојана улога како гарант на западно-предводениот мултилатерализам, ги забрзува промените на светскиот поредок со непосредни последици за германските и европските интереси“.

Вакумот кој се случува во светската политика, смета германскиот министер, брзо се пополнува од други. Во Сирија од страна на Русија. Во Африка- од страна на Кина. За разлика од минатото, кога САД светот го гледаа глобална заедница, денес тој е за нив борбена арена каде секој се бори за својот интерес.

„САД, според мене, не се повеќе одговорни за статичниот еквилибриум во арената, туку напротив, тие се борци во неа. Нашата верба дека САД се заштитник, како прашање на правец, и покрај повремените разлики, одамна почна да се урива. Сепак, САД ќе останат наш најважен глобален партнер. Нема сомнеж: нам ќе ни биде потребно ова партнерство во иднина и ќе го негуваме“.
Со други зборови, официјален Берлин верува дека улогата на САД како светска сила -бранител на демократијата, слободата и на Европа во нејзиниот стар облик, е засекогаш минато, дури и по заминувањето на Трамп. Решението, според Габриел, е во тоа Германија и ЕУ да преземат поактивна улога на глобалната арена.
На линија со ваквиот став на политичкиот врв се и граѓаните. Анкета на Кербер институтот објавена вчера покажува дека за мнозинството испитаници во Германија Трамп е поголем проблем од Северна Кореја. Дополнително, дури 88 проценти од германските испитаници сметаат одбранбената соработка со други земји од ЕУ треба да има предност пред партнерството со САД, а 56 отсто сметаат дека односите со долгогодишниот сојузник се лоши или многу лоши.
Во тој контекст можат да се гледаат и пораките кои американскиот државен секретар Рекс Тилерсон деновиве ги упати од Брисел за време на состанокот на шефовите на дипломатиите на земји-членки на Алијансата.
Тилерсон, имено, ги уверуваше европските сојузници дека американската влада останува посветена на транс-атлантските односи и дека и натаму споделуваат заеднички интереси во однос на безбедносните предизвици.

Изјавите на Габриел, пак, доаѓаат само неколку дена по неговото враќање од САД, каде се состана со американскиот државен врв и во очекување на почеток на преговорите за формирање на новата германска влада во која повторно треба да учествуваат и неговите социјалдемократи. 

Борис Георгиевски

Веста е прочитана 668 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.