Гасификацијата закочена од експропријацијата

14 November, 2017 - 17:54

Огромен број на незавршени експропријации ја кочат гасификацијата во земјава.Процесот на одземање на приватното земјиште од страна на државата е особено забавен во делот на Битола и Тетово.

Проблем се експропријации на кракот неготино до Битола, во делот пред Прилеп, а ист е случајот и кон Тетово. Добар дел од парите предвидени за гасификација се за експропријација кое треба да се направи со цел побрзо да се заврши и да се догради гасоводниот систем, кажа Горан Сугаревски, мин. за транспорт. 

Опозициската ВМРО ДПМНЕ тврди дека предлог буџетот во делот на енергетиката покажува дека власта нема никаков план за развој на овој сектор, а енергетските капацитети се оставаат на забот на времето наместо да се изгради термоелектрана во делчевско и нов јагленокоп во битолско за потребите на РЕК Битола.

СДСМ за 2018 година не предвидува средства за изградба на нови термо блокови, ниту пак инвестиции во нови јагленокопи со што би се продолжил животниот век на постоечките капацитети, кажа Светлана Затуровска од ВМРО ДПМНЕ.

Гасификацијата се најавува од 2007 година, а за финиширање на проектот се споменуваше прво 2010 година, па 2012 , па 2017, но нов рок нема. Неодамна премиерот Заев рече дека процесот на гасификација ќе продолжи каде што и застана, а Македонија ќе биде нападната со цевки од сите страни.

Во буџетот за 2018 за гасификација се планирани вкупно 36,32 милиони евра или 5 милиони повеќе од 2017. Од 7,8 милиони евра предвидени за субвенции за претпријатија, 3,5 мил евра се наменети за МЕР компанијата носител на проектот за изградба на гасоводната мрежа, а останатите се субвенции за одржување на железничката инфраструктура.

Инаку Министерството за транспорт и за догодина планира речиси половина милион евра за доизградба на управната зграда која почна да се гради уште во 2012 година, а досега за рекоnструкција на зградата се потрошени 4,8 милиони евра. Нема информација кога зградата ќе биде завршена и кога ке биде ставена во функција.

Виолета З Стојановска

 

Веста е прочитана 1455 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.