Европскиот парламент иницира меѓупартиски дијалог

9 November, 2017 - 18:30

Ова е куќата на таткото на Европската унија, Жан Моне. Се наоѓа во близина на француската престолнина, Париз. Тука, кон крајот на оваа или можеби во почетокот на наредната година, парламентарните партии од власта и од опозицијата треба да почнат со неформален дијалог за надминување на разликите по прашањата значајни за евроинтеграциите и за примена на европските стандарди.

Со ваков предлог пред нив излезе европратеникот Иво Валјгл. Пред средбите со партиите, Вајгл само кусо изјави дека во Скопје е дојден да разговара за проектот „Жан Моне“ и дека очекува „само добро“.

Од партиите брифираат дека разговорите во Париз би биле неформални и дека би имале цел да ги поттикнат власта и опозицијата да постигнат консензус за некои прашања. Иницијативата на Европарламентот добила поддршка и од првите луѓе на Европската Комисија, која бара усогласеност на политичките ставови за било каков нареден интегративен чекор.

На разговорите ќе бидат поканети претставници на главните парламентарни партии а можеби дури и лидерите. Повеќе детали Вајгл најави за утре. Тој својата посета на Скопје ја почна со средба со првиот човек на Парламентот, Талат Џафери. Од кабинетот на Џафери се огласија со соопштение: „Се разговараше за можноста за отпочнување дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието на одредени теми.

Овој дијалог, под покровителство на Европскиот парламент има цел да придонесе кон создавање позитивна атмосфера во Собранието и подобра комуникација на опозицијата и власта по однос на одредени прашања“, се вели во соопштението. Попладнето Вајгл им го посвети на опозициските партии и нивните претставници: по средбата со Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ, се сретна со Африм Гаши од БЕСА и со Мерал Узеири Ферати од ДПА. Утре предлогот на Европскиот парламент, Вајгл ќе им го презентира на СДСМ, ДУИ и на Алијансата за албанците.

Соња Николовска

Веста е прочитана 938 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.