Емотивен проштален говор на Барак Обама

11 January, 2017 - 11:39

Американскиот претседател Барак Обама предупреди синоќа во прошталниот говор во Чикаго дека демократијата во Америка е на испит. Ги повика сонародниците да се вклучат во неа, да се борат за американските вредности, да ја отфрлат дискриминацијата.

Видете, нашата демократија тоа го бара. И требате. Не само кога има избори, не само кога станува збор за вашите интереси, туку низ целиот животен пат...

Ако сте разочарани од вашите избраници, соберете потписи и кандидирајте се самите. Покажете се. Внесете се. Останете. Некогаш ќе победите, некогаш ќе загубите. Да претпоставувате за добрината на другите луѓе, може да биде ризично, и ќе има периоди кога самиот процес ќе ве разочарува. Но, за сите нас, кои се среќни да се дел од оваа работа, да ви кажам дека тоа може да инспирира и да ве полни со енергија. И честопати вашата верба во Америка и Американците ќе биде потврдена. Мојата беше.

Обама кој на функцијата претседател на САД беше два мандати рече дека Америка е подобра и посилна отколку пред осум години кога дошол на власт.

„Да ние тоа го сторивме“ рече Обама алудирајќи на афирмацијата „Да ние тоа го можеме“ која беше изречена ноќта кога победи на изборите. Обама го одржа својот говор пред 18 илјади луѓе во Чикаго, кога во 2008 го прослави својот избор. Во говорот ја допре и темата за борбата против тероризмот, наведувајќи дека елиминирал илјадници терористи, меѓу кои и Осама бин ЛАден. Ги повика луѓето да бидат внимателни, но да не се плашат. Обама порача дека ривалите како што се Русија и Кина не можат да се мерат со американското влијание во светот. Последното негово барање до Американците како претседател е да веруваат во својата моќ да донесат промени.

Во говорот го спомна и своето семејство. Со солзи во очите, тој и се заблагодари на Мишел Обама, нарекувајќи ја најдобар другар.

„Мишел Ла Вон Робинсон, девојко, во изминатите 25 години, не беше само моја сопруга и мајка на моите деца, туку ми беше најдобар другар. Ја презема улогата која не ја бараше, и ја износи со достоинство, со стил и добар хумор...Ја направи Белата Куќа место кое припаѓа на сите...

Малија и Саша, под најтешки околности израснавте во неверојатни млади жени, паметни у убави, но најважно, љубезни и полни со страст. Со леснотија го носевте товарот на центарот на вниманието. Од се што сум сторил во животот, најгорд сум што сум ваш татко.

На Американците им порача дека секој ден учел нешто од нив. Ме направивте подобар претседател, и подобар човек, заклучи Обама, кој на 20 јануари ќе ја предаде својата функција на новозибраниот претседател Доналд Трамп.

 

Алиса Шутиноска

Веста е прочитана 654 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.