ЕЛЕМ веќе нема да плаќа за рајски паркови и ски центри

6 December, 2017 - 16:52

Рајските паркови, снежните патеки и се што нема врска со производство на струја, веќе нема да бидат плаќани од државните Електрани. Владата му наложи на ЕЛЕМ да не спроведува никакви проекти надвор од основната дејност, како што беше во претходните години.

„На АД ЕЛЕМ му се наложува да не почнува никакви инвестициски активности за проекти надвор од основната дејност, а непочнатите проекти да не влегуваат во инвестициската програма за 2018 година. Воедно Владата и наложи на компанијата и да се испита можноста за раскинување на склучените договори за кои не е почната реализација, во случај да не постојат финансиски импликации“, рече Бошњаковски.

Досега ЕЛЕМ стартуваше или најави реализација на десетина проекти, меѓу кои жичара на Попова Шапка, Рајски парк во Аеродром, пешачко-велосипедска патека на езерото Козјак, автокамп Ливадиште, ски центар Водно, плажа Дојран, оснежување на ски центарот Копанки на Пелистер, конгресен центар и катна гаража во Охрид.

ЕЛЕМ, кои всушност ова го бараа, се задоволни.

„ЕЛЕМ е задоволна со ваквата одлука на Владата, бидејќи целта на новиот менаџмент е компанијата да се насочи кон нејзината основна дејност, а тоа е производството на електрична енергија“, велат од ЕЛЕМ.

Едно е јасно, парите на ЕЛЕМ веќе нема да се трошат освен за струја, но наши извори велат дека за судбината на овие проекти ќе мора да одлучи Владата, дали некои од нив се корисни и ќе продолжат, и ако е така кому ќе се доделат за реализација, а кои целосно ќе прекинат. За проектите, пак, за кои се потпишани договори, ќе мора да се провери во која фаза е реализацијата, и дали ќе се плаќаат пенали ако се раскинат. Владата вети дека тоа ќе го прецизира наредната недела.

Од Иницијативата за спас на Попова Шапка сметаат дека мора да се мисли на иднината на ски центарот, дали тој ќе се приватизира или ќе се даде на концесионер.

Поголемиот дел од проектите беа иницирани како задолженија од Владата до ЕЛЕМ во периодот од 2011 до 2016 година, а ниту еден од нив не е завршен.

Нина Нинеска-Фиданоска

Веста е прочитана 2960 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.