ЕЛЕМ распишува два тендери тешки 80 милиони евра

15 June, 2017 - 18:29

АД ЕЛЕМ ќе набавува рударска механизација за да може самостојно да врши ископ на јаглен и отстранување на јаловина. За 34,8 милиони евра без ДДВ, сопствени средства на компанијата, на колку што е објавен јавниот оглас, ќе се купуваат булдожери, дампери и багери. Досега Електрани на Македонија за оваа намена ангажираше други кооперанти  и за тоа плаќаше милионски суми а за еден од тие случаи СЈО отвори истрага под името „Труст“. Освен за опрема, ЕЛЕМ распишува јавен повик и за топлификација на Битолскиот регион. Проектот ќе чини 46 милиони евра од кои 39 милиони се кредит од германската КФВ банка. Директорот Христијан Мицковски не гледа ништо спорно во тоа што овие проекти се отвораат во време кога се чека назначувањето на нов директор на ЕЛЕМ.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев бара веднаш да бидат стопирани процедурите за објавување на двата јавни повици на АД ЕЛЕМ. Владата се согласува дека треба да се реализираат проекти со кои ќе се подобри животот на граѓаните и да се модернизира механизацијата, но постапката за објавување јавни повици, вели Анѓушев, треба да биде одобрена од Владата.

„На јавноста и е познато дека во изминатите 11 години имаше спорни и незаконски тендерски постапки и избор на изведувачи на тендери објавени од АД ЕЛЕМ, а тоа оваа Влада нема да го дозволи. Не сакаме да направиме штета за граѓаните, но не сакаме повторно да се направи штета на буџетот на компанијата и на Република Македонија. Владата нема да дозволи одлуките на менаџментот на АД ЕЛЕМ да бидат позначајни од интересите на граѓаните и ќе инсистира на привремено замрзнување на јавните повици, се додека не добијат позитивна одлука од Владата.“

Раководството на ЕЛЕМ, кое е претпријатие во државна сопстевност, имаше повеќе од една деценија да спроведува развојни проекти, но за жал вели Анѓушев, на тоа поле многу малку е направено.

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 1514 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.