Експертите за законот за употреба на јазиците: предлозите излегуваат од Рамковниот договор

10 August, 2017 - 15:54

Донесувањето на Законот за употреба на јазиците брзо и без јавна и стручна расправа ќе биде штетно за јазичната политика на државата, предупредуваат професорите од Институтот за македонски јазик, Симона Груевска Маџовска и Александра Ѓуркова. Тие доставија приговор до Премиерот Заев, генералниот секретаријат на Владата и до Собранието во кое опширно ги наведуваат забелешките на предлог Законот за употреба на јазиците каде што оценуваат дека излегува од Рамковниот Договор.

Според лингвистите, самиот наслов на законот е проблематичен затоа што повеќе официјални јазици има само во држави со повеќе автономни делови. Се создава терминолошка мешаница и во меѓунареодната употреба.

Професорките од Институтот за македонски јазик оценуваат дека со предложениот закон се создаваат можности за дискриминација и манипулација на другите етнички заедници. За нив најалармантно е што се предлага формирање на Агенција за примена на албанскиот јазик со инспекторат, додека не се применува Законот за употреба на македонскиот јазик донесен во 1998 за што тие постојано предупредуваат.

Професорката Маџовска како пример посочува дека веќе не може да се полага лекторски испит по македонски јазик како последица од неприменувањето на Законот. Професорките од Инситутот за македонски јазик во нивното писмо до Владата и Собранието очекуваат од политичарите да имаат слух за стручната јавност и да не носат краткотрајни решенија мотивирани од  ефемерни партиски интереси. 

Сања Васиќ

Веста е прочитана 10595 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.