Долгови, превработеност, но и недостаток на кадар во МОБ

22 October, 2017 - 15:22

Новото раководство на Македонската опера и балет, наследило долг од околу 800 илјади евра. Според в.д. директорот Рајковски, 100 илјади евра е долгот кон фирмата која лани ги реновирала седиштата во големата сала, а останатите околу 700 илјади евра се неисплатени сретства, за два вида активности.

„Активности од типот , купување материјали за сценографии, за костими, објавување јавни тендери, бидејќи и таму се плаќа, нели? И како услуги што се давани во нашава куќа. Вториот сегмент е малку по непријатен и понезгоден за нас, затоа што имаме голем дел на хонорарци“, вели в.д. директорот на МОБ Илија Рајковски.

Хонорарно биле ангажирани, а останале неисплатени со месеци, уметници, музичари и поединци кои работеле во сценска техника, каде недостасуваат повеќе кадри зашто дел се пензионирани, а дел се пред пензија, вели в.д. директорот. Според него, насобраните долгови за кои ќе има ревизија, не потекнуваат од поранешното раководство, на чело со Игор Дурловски, туку од  неговиот претходник, Дејан Прошев. За наследените и оставени долгови, Телма се обиде, но не доби одговор од Прошев, ниту од Оливер Арсовски, кој директоруваше пред него. А, од Министерството за култура најавија враќање на долговите од идната година.

„Додека не почне од 1 ноември сериозно да се разгледува буџетот за 2018 година во Парламентот, не можеме да кажеме со која динамика и на каков начин ќе се враќаат долговите“, велат од Министерството за култура.

Но, пред ревизијата на финансиското работење, во МОБ се очекува да влезат од Државниот инспекторат за труд, за да проверат дали имало вработувања пред  изборите, вели директорот Рајковски. Од  ДИТ со одговор:

„Сеуште немаме добиено официјално барање за инспекциски надзор. Кога ќе го добиеме барањето, ќе постапиме по него“, велат од Државниот инспекторат за труд. 

Наместо 76 до 78 музичари во оркестарот, колку што се потребни, новото раководство затекнало вкупно 94. Вишокот музичари, вели в.д. директорот, или ќе се прераспоредат во музичката продукција на МРТВ, кога таа ќе се реорганизира, или ќе останат во новите камерни оркестри на МОБ, што ќе се формираат. Рајковски е дециден дека никого од младите музичари не сака да го остави без работа.

Сотир Трајков

Веста е прочитана 5298 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.