До крајот на јануари ќе се потпише анекс за Кичево - Охрид

8 November, 2017 - 16:25

Владата сеуште преговара со кинескиот изведувач Синохидро околу продолжување на роковите за изградба на автопатот Кичево - Охрид. Детали не се откриваат, но она што се знае е дека до 31 јануари следната година ќе има нов анекс договор согласно потребата за допроектирање на делницата, особено во делот на клучките и споредните патишта кои не биле предвидени во првичниот проект и експропријацијата на земјиштето. Проблеми кои ги закочија градежните активности на оваа делница.

За да се минимизираат, па и елиминираат проблемите кои се појавија со автопатите кои се во градба, во иднина не треба да се брза при правењето на проектот. Изградбата на патиштата според директорот на ЈП За државни патишта Зоран Китанов ќе биде далеку побрза доколку постои квалитетен проект. 

Неквалитетните проекти, вели Китанов, ги проблематизираа и активностите на автопатот Миладиновце Штип особено во делот на дислокација на 22 далновода. Иако рокот во договорот постигнат со кинеската Синохидро е до 15 февруари, пречките ќе се тргнат до 1 декември, па автопатот ќе може да се заврши до септемрви 2018.

Во меѓувреме ќе се работи и на автопатското поврзување Скопје Блаце.За проектот што се најавува со години обезбедени се пари од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и тој опфаќа реконструкција на постоечкиот пат и изградба на нов автопат во должина од 12 километри

До крајот на оваа година ќе започне изградбата на експресниот пат Штип - Радовиш. Патот кој е продолжување на автопатот Миладиновце - Штип, е долг 23,5 километри, изградбата ќе чини 28 милиони евра пари обезбедени од ЕБОР, а ќе биде готов до крајот на 2020.

Виолета З Стојановска

Веста е прочитана 980 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.