Десковска: Нема да бришеме историја, туку невистинити факти

7 December, 2017 - 17:11

Нема да бришеме историја, ќе нотираме невистинити факти, порача министерката Рената Десковска објаснувајќи ја најавената ревизија на учебниците. Ќе детектираат спорни содржини, но и грешки во странските преводи. Десковска уверува, ништо нема да излегува надвор од законската рамка.

Во фокусот останува и Кембриџ – ситемот. Рано е да се каже дали ќе биде исфрлен од прво одделение. Ќе се проверува дали учебниците се компатибилни со наставните планови, од што ќе зависи дали ќе можат рамноправно да конкурираат со другите, или од старт ќе отпаднат.

Десковска акцентираше дека новите и квалитетни учебници се планирани со буџетот за образвование за наредната година, кој во однос на 2017та е зголемен за 5 отсто. За исто толкав процент ќе пораснат и платите за наставниците во основните и средните училишта.

На ова реагираше СОНК. Побара примањата веднаш да се усогласат со процентот на зголемување на минималната плата, но и да отпочат преговори со министерството за зголемување на платите во сите сфери на образованието. Потенцираат и дека заеднички треба да ги решаваат сите останати отворени прашања во овој ресор.

Весна Јованоска Дамјановска

Веста е прочитана 2552 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.