Четири години затворска казна за напаѓачот на Шекеринска

12 October, 2017 - 15:54

Молчешкум - без реакција, Панче Ангелов ја дочека 4 годишната пресуда за нападот на Шекеринска, но на излегување од судот упати пцовка кон медиумите затоа што го снимале. Смета дека казната е превисока и ќе се жали.

Ангелов одговара за насилство за кое е пропишана казна затвор од 3 до 10 години, па судијката Џанета Бектовиќ десетина минути образложуваше како, според законот за одмерување казни, дошла до конкретната пресуда.

„Судот цени дека со оваа пресуда ќе се постигнат целите на казнувањето, обивинетиот да не прави други кривчни дела, но и да делува превентивно, како пример за останатите граѓани“, рече судијката Бектовиќ.

Како олеснителни околности наброја дека е неосудуван, дека признал вина, се покајал и ветил дека нема да прави нови кривични дела, поради возраста од 65 год. Сепак оцени дека отежителните околности надвладуваат.

Меѓу отежителните околности судијката рече дека кривичното дело е сторено без повод и причина, на дрзок и безобѕирен начин, дека се нападнати пратеници во највисокиот законодавен дом, но и дека предизвикал страв и несигурност кај граѓаните.

На објавувањето на пресудата не присуствуваше министерката Радмила Шекеринска. Таа на минатото рочиште побара одговорност не само од извршителите, туку и од организаторите на собраниските насилства. Ангелов тогаш бараше да не оди во затвор бидејки е сам и стар, призна вина, се извини и уверуваше дека не му било целта да ја повреди Шекеринска, туку да ја тргне и да ја заштити.

Ова е прва затворска пресуда за собраниските насилства од 27 април. Се уште трае истрагата за Игор Југ, кој неодамна беше уапсен и за таткото и синот осомничени за убиство во обид на Зијадин Села. Паралелено се уште тече истрагата и во обвинителството за организиран криминал каде се уште се сослушуваат сведоци. 

Елена Ивановска Мукоска

Веста е прочитана 6751 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.