Британскиот парламент изгласа предвремени избори

19 April, 2017 - 19:09

Британскиот парламент со огромно мнозинство го подржа предлогот на Владата за предвремени парламентарни избори. 522 пратенци гласаа за, додека против беа само 13.

Предвремените избори беа побарани од премиерката Тереза Меј. Нејзината одлука дојде како изненадување бидејќи за неа консултирани биле само министерот за напуштање на ЕУ Давид Дејвис и министерот за финансии Филип Хамонд. Останатите одлуката за избори ја дознале само неколку минути пред Меј да им ја соопшти на медиумите.

„Сега ми е јасно дека ако сакаме да ја имаме најдобрата можна позиција во преговорите, треба да имаме избори сега“, изјави Меј.

Опозициските партии, иако го подржаа предлогот, жестоко ја критикуваа Меј поради ненајдената промена на ставот во поглед на предвремените избори.

„Вчера стана јасно, над секој сомнеж, дека за премиерката Тереза Меј партијата доаѓа пред државата. Со месеци премиерката велеше дека брзи избори, според нејзе, е последното што и треба да државата“, оцени премиерката на Шкотска и лидер на Шкотската народна партија, Никола Старџен.

„Ја поздравуваме одлуката за општи избори, но ова е премиер кој вети дека нема да има такви. Премиер на кој не може да му се верува“, рече лидерот на Лабуристите Џереми Корбин.

Кампањата започна веднаш по соопштувањето на резултатите од гласањето во Парламентот, партиските лидери веднаш гостуваа во политички емисии или закажаа митинзи. 

Според последните анкети Конзервативната партија има подршка од 44 проценти, што претставува уверлива предност пред опозициските Лабуристи кои добиваат само 23 отсто подршка од Британците. Медиумите оценуваат дека ваквиот рејтинг бил единствениот мотив на Меј за предвремените избори и убеденоста во нејзината партија дека на изборите ќе ги прегазат лабуристите.

Игор Трајков

Веста е прочитана 860 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.