БЕСА не преговара со инкриминирани политичари

10 January, 2017 - 18:20

БЕСА не добила понуда од мандатарот Груевски за разговори на тема Влада. И да добие, тврди дека ќе одбие соработка со инкриминирани политичари било да се од ВМРО-ДПМНЕ или од ДУИ.

Во БЕСА не се цврсто решени да бидат опозиција. Но решени се да истраат на своите принципи, како и на заедничките интереси со другите партии на албанците кои се искажани преку заедничката декларација.

Дел од аналитичарите стравуваат дека влегуваме во некаков маѓепсан круг. И ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе влезат во преговори со тежината на сопственото бреме, а најавуваат непопустливост пред барањата на другиот, вели аналитичарот Агим Јонуз.

Според Јонуз, ова е период во кој се бара вистинската формула за нормално функционирање на државата, а тоа го овозможува само техничка Влада.     

Алијансата за албанците исто така одбива преговори за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Во ДПА молчат, преоптоварени со внатрешно-партиски проблеми. Единствени потенцијални партнери за новата Влада се досегашните партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Заедно би имале вкупно 61 пратеник, што е минимален број за парламентарно мнозинство.

Соња Николовска

Веста е прочитана 5797 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.