Бејли „свиркач“ за бонусите на ДИК

4 December, 2017 - 16:25

Откако си подделиле бонус во висина од 4 месечни плати за октомвриските избори, 9-те членови на Државната изборна комисија си најдоа и место во говор за борба против корупција. Пред студентите на факултетот за безбедност, американскиот амбасадор Џес Бејли го спомна овој пример во својот говор и се зачуди зошто досега никој не реагирал и не истражувал.

Амбасадарот пред студентите рече и дека тој го обелоденува ова затоа што не слушнал никаква реакција ниту од надлежните државни органи, ниту од свиркачи, ниту во Собранието ниту од истражуваччкото новинарство. Им порача на студентите дека сите лидери и функционери треба со личен пример да дадат отпор на корупција, да предводат со морал и со помалку пари. Тврдењето на Бејли дека овие бонуси кажуваат многу за составот на ДИК, веднаш ги собра на куп сите членови на ДИК. По неколкучасовна дебата меѓу себе одлучија утре да одржат јавна седница и да видат дали ќе си ја поништат одлуката за наградување на самите себеси. Одлуката ја носеле врз основа на член 19 од Изборниот законик.

„Државната изборна комисија од распишување до завршување на изборите е во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто трае повеќе од 20 часа. Одлуките за надоместок на изборната администрација се носени врз основа на одговорноста, сложеноста и обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на избората администрација. Одлуките за надоместок се донесени согласно Закон и врз основа на позитивните законски прописи, меѓутоа поради повикот на јавноста одлуката ќе биде разгледана“, соопштија од ДИК.

Само лани во јуни, членовите на ДИК си поделиле по 2.600-тини евра, тогаш во два наврати беа одложувани изборите. Бејли тврди дека за ланските декемвриски избори, членовите си наплатиле уште повеќе- добиле по 5 плати плус. Правилникот по кој одлучуваат членовите на ДИК сами за себе предвидува надоместок за дополнителен ангажман. Покрај за себе, многу помалку бонус им се дава на административците од ДИК. Овој феномен кој го спомнува и американскиот дипломат, трае со години, на него реагираше и државниот завод за ревизија дека нема основа администрација да добива плус пари затоа што го работи она што и е должност.  Но од буџетот продолжуваше да си тече накај џебовите и сметките на членовите на ДИК.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 6860 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.