Австрија пред парламентарни избори - тројца кандидати за канцелар

13 October, 2017 - 12:49

Нешто над 6,4 милиони Австријци со право на глас, в недела ќе избираат нов состав на Долниот дом на австрискиот Парламент, Националниот совет. Во трката за 183-те места во Националниот совет учествуваат 17 листи на партии и коалиции, но се очекува во новиот парламентарен состав места да обезбедат само шест од нив. Последните анкети на јавното мислење покажуваат дека победникот на изборите ќе треба да се бара меѓу конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на Себастијан Курц и екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) на Хајнц-Кристијан Штрахе. Според анкетите, ОВП може да очекува меѓу 30 и 34 отсто, а ФПО меѓу 27 и 32 проценти. На трето место е Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) на канцеларот Кристијан Керн, која може да се надева на меѓу 23 и 27 отсто од гласовите.

Места во Парламентот се очекува да освојуа уште Новиот австриски и либерален форум (НЕОС), кој ужива поддршка на меѓу пет и девет отстот од гласачите, Листата на Петер Пилц, која може да се надева на меѓу четири и осум проценти и партијата Зелени - Зелена Алтернатива, за кој ќе гласаат меѓу три и шест отсто од избирачите. Доколку ваквите прогнози се остварат на гласањето в недела, Австрија ќе се соочи со неизвесност околу тоа кој ќе биде идниот австриски канцелар. Во трка за ова место се лидерите на трите водечки партии - Керн, Курц и Штрахе. Лидерот на социјалдемократите, Керн, ја презеде канцеларската функција во мај 2016 година, наследувајќи го непопуларниот канцелар Вернер Фајман, кој поднесе оставка по катастрофалните резултати на СПО на ланските претседателски избори.

Веста е прочитана 251 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.