Анкета на Телма и МЦМС: Речиси 40 проценти од граѓаните трајно би се иселиле од Македонија

19 April, 2017 - 21:45

Дури 39,2 проценти од македонските граѓани трајно би се иселиле од државата. Ова го покажа новата анкета на Телевизија Телма и МЦМС спроведена телефонски од „М-проспект“ на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници. На трајно иселување најмногу размислуваат младите. Дури 61 отсто од младите на возраст меѓу 15 и 24 сакаат трајно да се иселат додека 92 отсто од оние над 65 години сакаат да останат во Македонија. Но специфично е и што на иселување размислуваат во голем процент и оние на возраст од 35-54 години, а тоа се старосни групи кои го опфаќаат речиси сиот работоспособен потенцијал. Гледано по етнички параметар, 31 процент Албанци би се иселиле додека кај Макеоднците процентот е повисок, би ја напуштиле државата дури 40 проценти од нив. Како причини за напуштање на Македонија кај дури 50 проценти од испитаниците доминираат две причини - животен стандард и можноста да се најде работа во странство. Индикативно е што речиси 15 проценти рекле дека би се иселиле поради политичката состојба

Анектата покажа дека со подготовки за исeлување во 2017 година започнале речиси 8 проценти од испитаниците, што преточено во бројки на ниво на држава тоа значи дека годинава околу 160.000 граѓани веќе започнале со подготовки за напуштање на Македонија. 

Инаку половина од македонските граѓани не се задоволни од градот во кој живеат, сообено во Скопскиот, Вардарскиот и Источниот регион. Сепак дури 80 проценти не планираат во идните 12 месеци да го напуштата местото каде што живеат, додека на заминување размислуваат 12 проценти. Најзадоволни со местото на живеење се испитаниците од Полошкиот и Југозападниот регион на Македонија.

Интересен е одговорот на прашањето за тоа дали може да се напредува во Македонија со напорна работа? Најголем дел или 49 отсто рекле дека не може да се напредува, а речиси 47 отсто од испитаниците рекле дека може. Песимизам за тоа дали може да се напредува со напорна работа преовладува кај Македонците од кои дури 53 отсто сметаат дека напорната работа не може да им донесе напредок додека  62 отсто од Албанците веруваат во спротивното дека со напорна работа може да се напредува во Македонија.

Тамара Грнчароска

Веста е прочитана 3525 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.