Аневски го потврди скандалот со фалсификатите во Академијата

16 May, 2017 - 15:54

Уште пред да почнат да ловат криминалци самите го прекршиле законот. Над 30 кандидати за македонски обвинители конкурирале на Академијата за судии и јавни обвинители со фалсификувани документи за познавање на странски јазици. Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски го потврди истражувањето објавено на Топ Тема на Ваша страна, дека итниот конкурс на прием на 60 обвинители седум месеци е под мраз поради скандалот со фалсификатите.

Според него потребна е меѓународна правна помош бидејќи сертификатите се издадени во странство.

“Кој можеше да предвиди дека ќе бидат употребени фалсификувани дипломи за познавање на странски јазици. Тое е се уште во фаза на сомневање, но дали ќе излезе нешто или не ќе се обратите во Основното јавно обвинителство“, вели Петар Аневски, претседател на Совет на јавни обвинители.

Постапката се води за кривично дело „Употреба на документи со невистинита содржина“ за што казната е до три години затвор. Под истрага се 33 од вкупно 122 кандидати кои конкурирале за 60 обвинителски места. Некои од нив, според наши извори, и во моментов работат како стручни соработници во македонските судови и во обвинителствата со што се поставува прашањето дали се суспендирани, бидејќи иако е предистражна постапка тие се сомничат за сериозно кривично дело.

„Колку што разбрав станува збор за странски дипломи употребени кај нас кој се фалсификувани. Можеби од тие 30, 15 да се фалсификувани, а другите да бидат во ред, не можеме да прејудицираме се до донесување на правосилна судска пресуда“, вели Аневски.

Аневски е првиот кој јавно го потврди случајот. За разлика од него директорката на академијата Анета Арнаудовска месец дена ја избегнуваше нашата екипа одбивајќи да зборува за случајот. Таа молчи и сега по објавување на скандалот. Од институцијата со која раководи писмено не известија дека немаат информации дали некој поднел фалсификувани документи, но и зошто конкурсот е под мраз.

За долгогодишната судијка Маргарита Цаца Николовска најголем проблем е токму молкот на институциите.

„Овде имаме скандал над скандалите. Убаво е потенцирано дека некој кој утре ќе гони криминалци си зел за право да доставува фалсификувани документи. Мене ме иритира молчењето на органите и молчењето на Академијата“, смета Маргарита Цаца Николовска. 

Додека Анески не открива што ќе се случи со огласот, дали ќе биде укинат или не поранешниот член на Советот на јавни обвинители Миралем Асани смета дека тоа е единствено решение.

„Би требало нов оглас да се објави за да може уште еднаш да конкурираат истите или можеби и некои други“, вели Миралем Асани. 

Александар Манасиев

Веста е прочитана 16221 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.