Алармантен пораст на детските бракови

17 October, 2017 - 21:56

23 годишната Едие Сулејмановска од Прилеп има 23 години, а веќе е мајка на 4 деца. Се омажила на 16 години и тогаш го родила првото дете. Семејството живее во голема сиромаштија, во импровизирано живеалите во прилепската  ромската населба  „Три Багреми“. Едие вели дека тогаш не го послушала советот на родителите.

„Моите ми велеа, но не сфаќав дека ми велат за добро. Мала бев со години, се лажев. Не сум само јас. Сите мои другарки малолетни се омаживме, сите мали бевме. Не размислувавме дека ваков живот ќе имаме, во сиромаштија, помош од никаде“, вели Едие Сулејмановска

И Зукра Арифи од Битола има 48 години, стапила во брак на 14 години, родила 2 деца и го напуштила основното училиште. Има завршено само четврто одделение. Денес жали што немала детство и што го прекинала своето образование.

„Се пишманам, оти не си го знам детството, се омажив, родив прво ќерка, после син“, вели ЗукраАрифи

 И нејзината ќерка, која денес има 32 години, ја имала истата судбина.

„И ќерката рано ми се омажи на 14 години. Учеше, ама од школото побегна и се мажи. Не сакав да се мажи ама ми ја зедоа“, вели Зукра.

Теренските истражувања на невладиниот сектор покажуваат дека бројот на детски формални и неформални брачни заедници во Македонија е во постојан пораст, а оваа појава е најприсутна кај ромската популација. Стапката на млади жени на возраст од 15 до 19 години кои родиле или се бремени изнесува 3 проценти на национално ниво и 18 проценти кај ромската популација, велат од невладината РОМА СОС. За да се намали бројот на детските бракови, предлагаат измени во неколку закони.

„Првиот предлог се однесува на Законот за семејство, каде треба експлицитно да се предвиди вонбрачната заедница, но и да се забрани склучување на вакви заедници меѓу и со лица под 18 години. Втората измена се однесува на законот за средно образование, односно предложивме да се прошири збирката на податоци која што ја водат средните училишта и да се евидентира напуштањето на средното образование заради склучување на вакви бракови и со тоа да се овозможи овие лица да останат во образаванието кое е задолжително според македонското законодавство. Третата измена се однесува на кривичниот законик, односно во член 197 да се помести границата од 16 на 18 години за санкција на лицата кои што дозволиле или ќе склучат брачна заедница со лица помлади од 18 години“, вели Несиме Салиоска, од НВО „РОМА СОС“.

Овие измени треба да овозможат координација меѓу институциите во постапувањето со детските бракови, кои се причина многу деца да останат без елементарно образование и живеат во сиромаштија.

Немаат доволно информации како се планира семејството, ниту пристап до контрацепција, што пак ја зголемува можноста за рана бременост и води до доплнителни здравствени ризици за сексуалното и репродуктивното здравје.

Емилија Мисирлиевска

Веста е прочитана 1486 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.