45 општини со градоначалник во прв круг

16 October, 2017 - 15:35

45 општини добија градоначалник во прв круг а во 35 ќе се одржи втор круг на гласање. Податоците на ДИК на 99,57% од избирачките места од кои пристигнале податоци, покажуваат дека СДСМ освои 37 градоначалнички места а коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ три. Од албанските партии единствено ДУИ освои градоначалнички места во првиот круг од локалните избори, но не и Беса и Алијансата на Албанците. Победија двајца незваисните кандидати а партијата на Турците победи во центар Жупа.

Веќе нема неизвесност околу изборот на градоначалник за Град Скопје, уште во прв круг победи Петре Шилегов со речиси 39.000 гласови повеќе од Коце Трајановски. И поголем број од скопските општини ќе ја променат партиската боја. СДСМ ќе раководи со Карпош, Аеродорм, Центар, Горче Петров, Бутел, а во Кисела Вода и Гази Баба кандидатите ќе трчаат во втор круг.

СДСМ на овие избори победи во голем дел од општините кои беа своевиден бастион на ВМРО-ДПМНЕ, па така по три мандати или 12 години, СДСМ ќе раководи со Аеродром, Горче Петров, Битола, Велес, Прилеп, Кочани, Македонски брод, Градско и помалите општини Зелениково, Македонска Каменица, Зрновци, Конче, Карбинци, Свети Николе но и Охрид, Ресен, Кратово.

Во прв круг ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои градоначалници во Илинден, Петровец и Сопиште а предност има во 6 општини. Според објавените резултати ДУИ го зема Кичево и Пласница а независните кандидати во Чучер Сандево и во Ранковце. Кандидатот за Гостивар од Алијансата, Арбен Таравари во првиот круг е речиси изедначен со Бејта од ДУИ и тие за фотељата ќе се борат во втор круг.

Во Струга води Зијадин Села од Алијансата на Албанците. Битола, Арачиново и Макеоднска Каменица се општините што ќе бидат управувани од жени.

Бројките на ДИК покажуваат дека во вториот круг СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се натрпеваруваат во 19 општини, ДУИ и Алијансата на Албанците ќе ги одмерат силите во 5 општини, ДУИ и Беса во 7, во една општина битката за градоначалничката фотеља ќе се води помегу независен кандидат и ВМРО-ДПМНЕ, потоа мегу ДУИ и СДСМ, мегу СДСМ и Сојузот на Ромите и меѓу ДПА и БЕСА.

Интересна е битката која се води за превласт на советите на општините. Во поголем број од градовите каде го доби градоначалничкото место СДСМ го има и мнозинството во советите. Во Штип на пример разликата во гласовите мегу Захариев и Бочварски е 36 гласа, но разликата во советничките гласови е 500 во корист на СДСМ. 

На шестите по ред локални избори излегле 1.076.451  гласачи а неважечки биле повеќе од 45.000 ливчиња. Имало 59 приговори од Центар, Карпош, Неготино, Ресен, Јегуновце, Прилеп, Зрновце и Аеродром.

Во 2013 ВМРО-ДПМНЕ освои 56 градоначалнички места плус едно од ГРОМ и едно од Сојузот на ромите, СДСМ имаше 4 општини, ДУИ 14, ДПА 2 и независни кандидати 2. 

Виолета З. Стојановска

Веста е прочитана 13178 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.