11 полициски службеници и вработени во МВР добија отказ поради собраниските инциденти на 27-ми април

13 November, 2017 - 15:35

Вкупно 11 полициски службеници и вработени во МВР добиле отказ поради собраниските инциденти на 27-ми април. Отказите се потпишани во петок по завршената дисциплинска постапка против вработените, потврдија за Телма од МВР.

Најголемиот дел од отпуштените се вработени во таканречената 6-та управа на МВР за обезбедување на важни личности и објекти, и против нив била покрената постапка откако се гледа на снимките како не превземаат ништо додека пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отвораат собраниските врати за да влезат демонстрантите. Отпуштени се поранешниот шеф на внатрешното обезбедување на Собранието и поранешен шеф на обезбедувањето на екс претседател на Собранието Трајко Вељановски. Припадниците на обезбедувањето тврделе дека немале никаква законска можност да интервенираат против пратеници.

И двајцата се гледаат на снимката од собраниските безбедносни камери како стојат отстрана и не ги спречуваат пратениците да ја отворат вратата.

Отказ добиле и двајцата вработени во УБК, кои сакале да го одземат хард дискот со снимките од безбедносните камери. Двајцата ги зеле дисковите, но снимките имале бекауп, односно биле сочувани и на друго место.

Двајцата вработени во УБК се правдале дека сакале да ги заштитат снимките, а не да ги одземат хард дисковите.  

Во МВР продолжуваат дисциплински постапки против уште 60-тина припадници на МВР и полицајци кои или учествувале во упадот како демонстранти или пак не презеле ништо за да се спречат насилствата во Собранието.

Миомир Серафиновиќ

Веста е прочитана 5679 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.