РАКОМЕТ

ЖРК ВАРДАР ЧЕТВРТА ГОДИНА ПО РЕД НА Ф4 ВО БУДИМПЕШТА

15 April, 2017 - 20:05

Иако потешко од очекувањата ЖРК Вардар успеа да обезбеди четврто учество на фајнал фор турнирот во ракометната Лига на шампиони што ќе се одржи на шестти и седми мај во Будимпешта. Македонскиот првак и пред своите гледачи беше подобар од Митјиланд овојпат со 26:24 на реваншот од четвртфиналето во Елитната лига.

Предноста од два гола од првиот натпревар (28:26) во Данска не беше гаранција за лесен меч, а гостинките во најголем дел од средбата беа рамноправен противник. Првото полувреме Митјиланд го заврши со водство од 12:11. Вардар овој сегмент од натпреварот го одигра неповрзано во редовите, со слаба реализација и многу технички грешки. Само во првото полувреме имаше 11 технички грешки, но и осум одбрани на Амандин Лејно. Среќа што и гостинките не беа доволно сконцентрирани, па и тие возвраќаа со грешки.

На почетокот на второто полувреме Митјиланд поведе со највисоки 15:12, резултат кој им одговараше. Во тие моменти тренерот на вардарки во игра ги внесе Тамара Мавсар и Сара Ристовска. Токму тие беа џокерите на Вардар, па македонскиот првак брзо израмние, а потоа преку Лекиќ и Пенезиќ дојде до водство. Потоа на сцена стапи Андреа Човиќ која имаше свои минути на линијата од шест метри. „Црвено-црните“ на пет минути до крајот ја имаа најголемата разлика од плус 4 (25:21), доволно за рутиниран финиш.

Ждрепката за полуфиналните двојки на Ф4 турнирот ќе биде во вторник во Будимпешта.

Веста е прочитана 455 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.