РАКОМЕТ

ВАРДАР НА ЕВРОПСКИОТ ТРОН, ЧУПИЌ ОБЕЗБЕДИ ГОЛЕМО СЛАВЈЕ ВО МАКЕДОНИЈА

4 June, 2017 - 22:07

Вардар е нов европски ракометен првак. Храбрата игра и мудрата тактика на тренерот Раул Гонзалес вроди со плод. Капитенот Стојанче Стоилов на крајот го подигна пехарот за најуспешниот тим во 2017 година откако беше совладан големиот француски состав Пари Сен Жермен со 24:23 во финалето на фајнал фор турнирот во Келн.

Нова драма се случи во Ланксес арената. Повторно мечот го реши еден удар. Победата која беше градена 60 ет минути сега Иван Чупиќ не дозволи да побегне, слично како против Браселона кога јунак беше Лука Циндриќ. На крајот во последната секунда од неговата позиција на десно крило зема се во свои раце. Со голема самодоверба и желба да го повтори успехот од лани кога стана шампион со Киелце беше мирен. Без да му затрепери раката го совлада одличниот Тиери Омејер за големо славје на крајот во таборот на македонскиот првак, кој во својот дебитантски настап на завршницата испиша нова страница во историјата на клубот и македонскиот ракомет воопшто. 

Тренерот на Вардар Раул Гонзалес по освојување на шампионската лига рече дека неговиот тим го следела среќа, но дека трофејот во Скопје доаѓа како резултат на напорна четиригодишна работа.

„Јунаците беа супер. Се однесуваа паметно цел натпревар. Немавме многу време за одмор, ама одигравме со срце и со памет. Горд сум затоа што моите играчи се најдобри во Европа. За разлика од минатите сезони сега и нас ни се насмеа среќата, ама ова е резултат и на четиригодишната работа, изјави Гонзалес.

„Горд сум што сум капитен на овој тим. Играчите покажаа карактер. Не знам како да објаснам. Првпат имаме македонски европски шампион во машка конкуренција. Знаевме дека ќе биде тешко како во полуфиналето. ПСЖ е силен, исто како и Барселона. Се боревме цел натпревар. Одбраната, голманот беа одлични. Се надевам дека ја израдувавме цела Македонија, изјави капитенот Стојанче Стоилов.

За МВП на финалниот турнир беше избран Арпад Штербик, кој во своето девето финале одбрани 11 ет удари за четвртата титула во кариерата откако претходно на трипати тоа го стори со Сиудад Реал.

„Многу сум среќен, не е сеедно да се стигне тука меѓу сите овие фаворити. Сепак, ние сме добро сложен тим и сонот го претворивме во јаве. Им честитам на моите соиграчи, навистина сите игравме како што треба и сите дадовме се од себе. ПСЖ е појак од нас, и физички и поради искуството. Мислам дека нашата најсилна страна е колективот и тренерот Раул Гонзалез. Ние се бориме три години за место на „фајнал-форот“, а јас и тогаш велев дека потешко е да се стигне тука, отколку да се освои титулата. Некои велат дека треба да се заврши кариерата кога сте на врвот, но јас сакам повторно да се вратам овде во Келн“, истакна Штербик.

Вардар 27 минути водеше дури на двапати со три гола 5:2 и 7:4, но ПСЖ со серија од 4 - 1 во финишот од првото полувреме првпат поведе, го сврте резултатот во своја корист и замина на одмор со предност од 12:11.

Тоа не го поколеба македонскиот првак во вториот дел. Повторно ги држеше конците во свои раце иако на идентичен начин ПСЖ го доведе мечот во неизвесна завршница. Овојпат Тимур Дибиров и Вуко Борозан го спречија налетот на Французите а Чупиќ ги реши сите дилеми по двете израмнувања на 21:21 во 52 инута и 23:23 седум секунди пред крајот.

Не им помогнаа на „Светците“ од Париз седумте репрезентативци што ги имаат во своите редови од составот на актуелниот Светски првак Франција. Му се поклонија на моќниот тимски дух на Вардар и не успеаа за првпат да ја освојат титулата во Елитната лига. „Црвено црните“ за да го комплетираат овој успех се погрижија еден ден порано кога го надиграа и осумкратниот европски првак екипата на Барселона.

По Кометал Ѓорче Петров пред 15 години конечно и во машка конкуренција Македонија доби европски првак. Вардар се искачи на највисокото место на победичкиот пиедестал, а Македонија по Германија, Шпанија, Франција, Словенија и Полска стана шестата земја со титула во осмото издание на фајнал фор турнирот во Келн.

Претходно Веспрем го освои третото место откако во утешното финале славеше победа против Барселона со 34:30. Кире Лазаров го одигра последниот натпревар во дресот на Каталонците и постигна три погодоци. Капитенот на македонската репрезентација кариерата ќе ја продолжи во француски Нант.

 
Веста е прочитана 2812 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.