ФУДБАЛ

ВАРДАР ГО СОВЛАДА ФЕНЕРБАХЧЕ, МИЛАН ЈА ПРЕГАЗИ ШКЕНДИЈА

18 August, 2017 - 17:06

Голем успех постигна Вардар на првиот меч од плеј офот во Лигата на Европа. На „Филип Втори“ арената го совлада Фенерабаче со 2:0 и уште еднаш покажа дека ова лето на домашен терен нема екипа која може да го надигра. Македонскиот првак е пред историска шанса доколку ја задржи предноста на реваншот да се пласира во групната фаза.  

Првата радост за македонскиот првак ја донесе Тигран Барсегјан во 20 минута за водство од 1:0. Во втората минута од судиското надополнување, капитенот на гостите Мехмет Топал во обид да ја врати топката до својот голман, со глава го лобуваше Идриз Камени и си постигна ефектен автогол за голема предност на „црвено-црните“ по првиот меч. 

Во финишот од натпреварот Вардар остана со играч помалку откако капитенот Бобан Грнчаров поради втор жолт картон беше исклучен, па нема да настапи и во реваншот закажан по седум дена во Истанбул. Црвен картон кај Фенербахче заработи и Бразилецот, Соуза.

„Морам да бидам задоволен од резултатот. Игравме со срце и среќата на послужи, бидејќи двата гола беа по нивни грешки. Првпат среќата беше на наша страна. Овој резултат ни дава позитивна енергија, но ако мислиме денес дека завршивме работа, во голема заблуда сме. Од искуство знам дека Фенербахче има одличен тим, има играчи кои не играа денес, имаат одлична публика и ќе биде пеколно тешко во Истанбул“, изјави Јаневски по мечот.

Вториот македонски претставник во Лига Европа, тетовска Шкендија доживеа убедлив пораз на гостувањето кај Милан во првиот меч од плејофот. На „Сан Сиро“, Милан ги прегази Тетовчани со 6:0.  По два гола за Милан постигнаа, Андре Силва (13 и 28 минута) и Монтоливо (25 и 85), а во листата на стрелци се запишаа и Борини (67) и Антонели (68).

Реванш натпреварите Фенербаче - Вардар и Шкендија - Милан ќе се играат следниот четврток на 24 август. 

Веста е прочитана 1536 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.