СТЕФАНОВСКИ КОНЕЧНА ЈА ИСПОЛНИ ДАМНЕШНАТА ЖЕЛБА, СО ПОБЕДА СЕ ЗБОГУВА ОД ОХРИДСКИОТ МАРАТОН ВО ПОСЛЕДНИОТ НАСТАП

20 August, 2016 - 20:22

Томи Стефановски е победник на јубилејниот 30 Меѓународен пливачки маратон што денеска се одржа на Охридското Езеро. Стефановски кому ова му беше 17 и последен настап на маратонот во Охрид, патеката „Климе Савин“ од Свети Наум до Градското пристаниште во Охрид долга 30 километри ја исплива за 5:55:18 часа.

Втор целната линија ја мина македонскиот маратонец Евгениј Поп-Ацев, речиси истовремено со победникот, но поради неправилно минување на последната бова стотина метри пред целта, тој мораше да се врати во водата и да ја исправи грешката. Второто место му припадна на Италијанецот Едуардо Стокино, а третопласиран на охридскиот маратон е Бразилецот Матеус Евангелиста.

Победник во женска конкуренција е Олга Козидуб од Украина која низ целта мина во групата заедно со победниците во машка конкуренција со време 5:55:35 часа, второпласирана Дарија Килик од Русија, додека како трета на целта пристигна Силвие Рибарова од Чешка.

Победникот Стефановски кој претходно најави дека ова му е последно појавување на Охридскиот маратон и последна активна пливачка сезона, изјави дека сто и десет проценти се вложил во денешниот маратон, тактички добро распоредувајќи ги силите во текот на целата трка.

„Почувствував последниот километар дека имам сила за да го следам кој и да е во водство, тоа и го искористив последните сто метри. Имајќи ги предвид моите 45 години, не верувам дека ќе успеам да го повторам овој успех“, рече Стeфановски.

Тој изрази жалење што после шест часа пливање Евгениј Поп-Ацев не успеа да го потврди одличниот резултат, испуштајќи го одличното и заслужено второ место заради ситна грешка пред самата цел.

Што се однесува на следnата завршна трка од ФИНА серијата трки на отворени води што на 4 септември ќе се плива од Капри до Неапол, Стефановски кој сега избива на прво место на ранг-листата, најави дека прво ќе се одмори, а потоа ќе се обиде што подобро да се подготви и да го даде максимумот, за оваа пливачка сезона да ја заврши со триумф во генералниот пласман.

Охридскиот маратон што се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија пливаа 18 натпреварувачи по девет во двете конкуренции. 

 

Веста е прочитана 370 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.