АВТОМОБИЛИЗАМ

СТЕФАНОВСКИ ЈА ПОСАКУВА ТИТУЛАТА ВО ЕТЦЦ ШАМПИОНАТОТ

29 May, 2017 - 19:09

Титулата ја сонувам ама сега не размислувам за неа беше коментарот на најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски на првата средба со новинарите по враќањето од Германија, каде во саботата ја оствари првата победа во ЕТЦЦ шампионатот што го организира ФИА. Овој огромен успех на Нирбургринг е уште поголем бидејќи како што вели Стефановски патеката е најтешка во светот и брзините се големи а тактиката со неговиот тим му овозможила да стигне до победата.

„Благодарение на луѓето од мојот тим победив на една од најтешките патеки на светот. Ова е голем успех, не само за мене туку и за целата екипа. Резултатот на „Нирбургринг“ дава надеж да почнеме да мислиме и за борба за врвот во Генералниот пласман. Покажавме дека можеме да се „носиме“ со многу поискусните од нас и ќе се обидеме во последните три трки да го нападнеме првото место во конечниот плсман, изјави Стефановски.

По двата подиума во Нирбургринг на половина од шампионатот Стефановски се искачи на третата позиција во Генералниот пласман со 11 ет бодови заостанување во однос на лидерот Кристјоханес Шрајбер од Швајцарија и 10 ет од второпласираниот Петр Фулин од Чешка.

Следната трка ќе се вози од 23 до 25 ти јуни на португалскиот автодром Вила Реал.

„Ме очекува тешка трка на патеката „Вила Реал“ во Португалија. Ќе биде многу важно таму да направам добар резултат, бидејќи се работа за трка на која сите натпреварувачи освојуваат дупли бодови. Се надевам дека атмосферата ќе биде позитивна. Тие што ме познаваат знаат дека не се откажувам лесно и дека ќе се борам за првото место“, потенцираше Стефановски.

До крајот на сезоната во ЕТЦЦ шампионатот – кружни патеки остануваат уште трките „Вила Реал“ (Португалија) 23-25 јуни; „Золдер“ (Белгија) 15-17 септември и „Мост“ (Чешка) 6-8 октомври. 

Веста е прочитана 735 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.