АБА ЛИГА

ПОРАЗИ ЗА МЗТ И КАРПОШ ВО БЕЛГРАД ОДНОСНО ЛАКТАШИ

24 December, 2016 - 21:36

МЗТ Скопје го доживеа 11 пораз во Јадранската кошаркарска лига. На гостувањето во Белград загуби од Партизан со 91:76, во вториот меч од 15 коло.

Стефан Синовец со 20 поени беше најпрецизен кај македонскиот првак, додека за шестиот триумф по ред или вкупно 12 за домашниот тим со кој се зацврсти на втората позиција на табелата, Новица Величковиќ беше прв стрелец со 21 поени.

За МЗТ Скопје ова беше последен меч во 2016 година која ќе ја заврши на дното од табелата. На вториот ден во новата година пред своите гледачи ја пречекува Цедевита.

И вториот македонски претставник Карпош Соколи од гостински терен го доживеа 11 от пораз. Во воведниот натпревар од 15 коло одигран во Лакташи беше совладан од домашната Игокеа со 79:71 по што му беше прекинат низот од две победи по ред.

Домашниот тим беше подобар цели 30 минути пред да се разбудат избраниците на Драган Николиќ кои го добија последниот период 24:13 и избегнаа поубедлив пораз откако негативата достигнуваше и до 21 поен разлика.

Кенрик Пери со 17 поени беше прв стрелец во осмиот гостински пораз од исто толку натпревари на Карпош Соколи, кај кого затаи шутот од поле бидејќи играчите погодија само 38 проценти од ударите. Бојан Трајковски мечот го заврши со 16 поени, додека кај Игокеа  најдобар поединец беше Страхиња Мичовиќ со 20 поени.

Карпош Соколи е близу фенерот со четири победи и 11 порази, следниот натпревар ќе го одигра пред своите гледачи на 30 декември против Морнар.

Веста е прочитана 258 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.