МАРАТОН

ОХРИД Е ПОДГОТВЕН ЗА 29. ИЗДАНИЕ НА МАРАТОНОТ

27 August, 2015 - 14:10

Дваесет натпреварувачи од кои десетмина во машка и исто толку во женска конкуренција пријавија учество на 29-тиот по ред Меѓународен пливачки маратон што утре ќе се одржи на Охридското Езеро, беше соопштено на денешната прес-конференција посветена на трката.

Oваа година боите на Македонија ќе ги бранат Томи Стефаноски и Евгениј Поп Ацев, кој во генералниот пласман во моментов е на одличното трето место со освоени 23 бода.

Како што беше појаснето, Охридскиот маратон се плива на патеката „Климе Савин“ од манастирскиот комплекс „ Св. Наум“  до Градското пристаниште во Охрид, со вкупна должина од 30 километри. Стартот на трката е закажан точно на пладне, а првите маратонци на целта во Охрид ќе пристигнат некаде пет часа подоцна, зависно временските услови.

Јане Карајованов, техничкиот делегат на маратонот, нагласи дека минатата година Охридскиот маратон добил највисоки оценки, кога станува збор за организацискиот дел на манифестацијата.

- Сите забелешки што ни беа посочени од минатата година се поправени, така што со поддршката на сите субјекти вклучени во организацијата верувам оваа година ќе добиеме уште повисока оцена и можеби ќе се прошири соработката со ФИНА со уште некоја трка, рече Карајованов.

Елена Илиевска од Пливачката федерација на Македонија, нагласи дека Охридскиот пливачки маратон е централен спортски настан во земјата, кој секако придонесува за популаризација на спортот, но истовремено претставува и најдобар промотор на градот Охрид и Охридското Езеро.

Секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески во име на локалната самоуправа која е дел од техничката организација на маратонот, истакна дека станува збор за најзначаен спортски настан во Охрид но и во земјата, и како таков придонесува за промовирањето на Охрид и Македонија во светот.

- Се е подготвено за одржувањето на маратонот. Покрај пливачкиот маратон како главен дел, се погриживме да биде организирана и културно-забавна програма што ќе започне во 16 часот на Градското пристаниште, непосредно пред пристигнувањето на пливачите на целта, рече меѓу другото тој, повикувајќи ги граѓаните да бидат дел од манифестацијата и да ја разубават сликата од Охрид.

Наградниот фонд на маратонот во Охрид што се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија изнесува десет илјади долари.

Охридскиот маратон е четврти на распоредот на „Гран-при“ маратонските трки на ФИНА за тековната 2015 година. До крајот на оваа сезона на маратонците после Охрид им останува уште трката Неапол – Капри.

Веста е прочитана 215 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.