ГОНЗАЛЕС:

МОРА ДА СЕ ФОКУСИРАМЕ НА МЕЧОТ КАКО ДА ИМАМЕ 0:0

25 April, 2017 - 16:38

Уште два дена остануваат за финалните подготовки на Вардар пред реваншот со Фленсбург во четвртфиналето од ракометната Лига на шампиони. Само 60 минути ги делат „црвено црните“ од историски успех за клубот и макеоднскиот ракомет воопшто - пласман на фајнал фор турнирот во Келн. Позитивниот резултат и двата гола предност (26:24) од првиот меч не треба да ги залажува. Напротив како што порачува тренерот Раул Гонзалес тоа е причина повеќе од 0:0 да тргнат и уште поангажирано да го дочекаат противникот кој сигурно нема да допатува со кренато знаме.

„Ова е второто полувреме од четврт-финалето на ЛШ. Имаме два гола разлика, но треба да ја заборавиме оваа ситуација. На првиот натпревар сѐ беше добро за нас. Но Фленсубрг е добра екипа и за нас беше многу тешко второто полувреме. Ние сега имаме притисок, но со помош на публиката се надевам дека ќе одиграме добар натпревар.
Сакаме да се пласираме на Ф4, но можеби Фленсбург нема да игра како што одигра дома. Пред три години Фленсбург одигра одлично во Скопје. Мора да се фокусираме на натпреварот како да имаме 0:0, мислам дека Фленсбург тука ќе постигне повеќе од 24 гола, мора да се надигруваме, а кој ќе победи ќе победи. Арпад Штербик имаше 40 отсто успешни одбрани таму, но мислам дека во Скопје ќе се постигнат повеќе голови. Ние сакаме да ја забрзаме играта. Тие играат агресивно и брзо, тоа е така секогаш. Нашите ракометари се подготвени, но можеби нашиот голман нема да биде на исто ниво, па работите на терен ќе бидат различни. Јас имам доверба во мојот тим, цела сезона тренираа и сега е моментот кој треба да го искористиме“, изјави шпанскиот стратег.

Капитенот Стојанче Стоилов потенцираше дека сега е моментот Вардар да се пласира на завршницата во Келн.

„На првиот натпревар имаме плус од два гола, но тоа не треба премногу да не опушти. Таква игра е ракометот што може сѐ да се смени во брзо време. Имаме одличен резултат екипата е спремна. Се надевам дека нема да разочараме. Долго време го чекаме тој Ф4. Мислам дека ова е шанса да се пласираме пред наша публика и да се израдуваме самите себеси и целата јавност“, изјави Стоилов.

Од Вардар известуваат дека паркингот и двата булевари околу СЦ „Јане Сандански" ќе се затворат во 15 часот. Во салата не е препорачливо да се носат деца помали од 7 години, и само оние што имаат билет ќе може да влезат на натпреварот. Се препорачува да не се носат метални предмети, ранци и други торби со себе поради безбедносни причини. Во четврток средбата Вардар - Фленсбург започнува од 19 часот.

Билетите за натпреварот се продадени, а од клубот соопштија дека ќе постават видео бим пред салата за сите навивачи да можат заеднички да го проследат најважниот меч на „црвено црните“.

Веста е прочитана 390 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.