ФУДБАЛ

Македонија меѓу носителите во најслабата група во Лигата на нации

11 October, 2017 - 17:03

Европската куќа на фудбалот УЕФА утринава ги одреди шеширите за новоформираното натпреварување Лигата на нации.

Од претходно беше познато дека Македонија ќе се натпреварува во рамки на најслабата Лига Д, но од УЕФА сега потврдија дека нашата репрезентација ќе биде меѓу носителите, што значи дека ќе добиеме многу полесна група и отворен пат до Европското првенство во 2020 година. Ќе треба да бидеме прво во групата, а потоа преку полуфинале и финале да бараме историски пласман на континенталниот турнир.

Македонија меѓу носителите е втора по рејтинг, веднаш зад Азербејџан, а уште во првиот шешир се и Белорусија и Грузија. Во вториот шешир се Ерменија, Летонија, Фарски Острови и Луксембург, во третиот Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн и Малта, а во најслабиот Андора, Косово, Сан Марино и Гибралтар.

Во Лигата Д, ќе има четири групи од по четири репрезентации. Ќе се игра од септември до ноември по два меча во месец, дома и на гости, а победниците ќе изборат пласман за плејофот, кој е закажан за март 2020 година. 

Веста е прочитана 733 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.