ХИРШЕР СО ЗЛАТО ВО СЛАЛОМ ЈА КОМПЛЕТИРАШЕ ДОМИНАЦИЈАТА ВО ТЕХНИЧКИТЕ ДИСЦИПЛИНИ НА СП

19 February, 2017 - 18:58

Марсел Хиршер го освои вториот златен медал на Светското првенство во алпски дисциплини што денеска заврши во швајцарскиот скијачки центар Сент Мориц. Австриецот победи во слалом откако пред два дена беше најдобар и во велеслаломот, па заедно среброто во комбинација е најуспешниот натпреварувач на шампионатот.

Хиршер за шестиот златен медал или вкупно деветти, вклучувајќи ги и трите сребра, од Светските првенства беше доминантен по двете трки откако оствари 68 стотинки подобро време од сонародникот Мануел Фелер со кого ја комплетираше еден два победата на Австријците.

На третото место од победничкиот подиум се искачи Германецот Феликс Нојројтер, кој за бронзениот медал скијаше за 93 стотонки послабо од победникот Хиршер.

На стартот денеска се појави и македонскиот скијач Антонио Ристевски, но остана без пласман откако не ја заврши првата трка.

Австрија со девет медали е најуспешната нација, пред Швајцарија со седум. 

Следното Светско првенство ќе се одржи по две години во шведскиот ски центар Оре.  

Веста е прочитана 660 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.