СКИЈАЊЕ

ХИРШЕР ГО ОСИГУРА РЕКОРДЕН ШЕСТТИ ПАТ ГОЛЕМИОТ КРИСТАЛЕН ГЛОБУС

4 March, 2017 - 20:16

Австриецот Марсел Хиршер ја одбрани титулата и шестти пат во кариерата го освои големиот кристален глобус во Светскиот куп за Алпско скијање. Истовремено го обезбеди малиот кристален глобус во велеслалом третпат во низа откако триумфираше на претпоследната осма трка во оваа дисциплиона сезонава што се возеше во Словенечкиот скијачки центар Крањска Гора.

Светскиот првак во велеслалом за 44 та победа во кариерата беше доминантен и за првото место оствари за 46 стотинки подобар резултат од вторпласираниот Норвежанец Кристијан Леиф Хауген. На третата позиција од победничкиот подиум се искачи Швеѓанецот Матс Олсон со 67 стотинки заостанување зад Хиршер.

На пет трки до крајот во Светскиот куп, Хиршер на првата позиција има 1375 бодови и обезбеди недостижни 504 бодови предност во однос на Норвежанецот Кјетил Јансурд. Тој и неговиот сонародник Хенрик Кристоферсен кој има 867 бодови ќе се борат за втората позиција.

И во поредокот за велеслалом, на една трка до крајот Хиршер обезбеди недостижна предност од 194 бодови во однос на второпласираниот Французин Алексис Пинтурол за малиот кристален глобус во велеслалом пред завршницата годинава закажана во Аспен.

Утре најдобрите скијачи ќе го возат претпоследниот слалом во Крањска Гора.

Веста е прочитана 629 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.