РАКОМЕТ

Гонзалес: Пик Сегед ќе биде најголем тест за нас сезонава

5 October, 2017 - 15:03

Вардар одлично ја стартуваше новата сезона во Лигата на шампиони со три победи од три натпревари. Во првото коло европскиот првак славеше кај Висла Плоцк, додека во следните два натпревари победуваше на домашен терен против Нант и Загреб.

Во сабота, „црвено-црните“ гостуваат во Унгарија кај екипата на Пик Сегед, која лани стигна до четвртфиналето во Лигата на шампиони, а и оваа сезона има високи амбиции. Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес очекува Сегед да биде најтешкиот предизвик досега за неговите избраници.

„Секогаш кога се игра против ПИК Сегед е тешко. Така ќе биде и овојпат. Нивниот тренер е навистина добар и тие играат со многу тактика. Досега двапати победивме во Сегед во Лигата на шампионите. Очекувам најтежок натпревар за нас досега. Ако сакаме да успееме мораме да одиграме најдобро, да се подобри нападот. Имаме доверба во нас, бидејќи сме прво место, но мора да се вратиме во добра кондиција. ПИК Сегед е најголем противник. Мора да се браниме добро“, вели Гонзалес.

На шесте меѓусебни натпревари на овие две екипи, Вардар има четири победи, едно реми и само еден пораз, доживеан во 2004 година. На последните четири средби, Вардар победи на сите четири. 

Веста е прочитана 529 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.